Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска не се согласува со мерката на Владата за ограничување на профитните маржи, нарекувајќи го овој чекор неефективен.

Министерката откри дека уште на владината седница се спротивставила на ваквата мерка и додаде дека поддржува алтернативни решенија за контрола на цените, особено Законот за нефер трговски практики, кој неодамна стапи на сила.

Таа ја посочи кризата со високите цени на земјоделските производи, поради намаленото домашно производство и зголемениот увоз и најави дека Министерството за земјоделство ќе спроведе нова методологија за субвенции со цел подобрување на снабдувањето.

Реагираше СДСМ, критикувајќи го пристапот на министерката за финансии и барајќи поголема ангажираност за намалување на цените. Од партијата велат дека граѓаните се веќе длабоко оптоварени од зголемените трошоци за живот, особено за основни намирници и дека мерките за ограничување на маржите не дале видливи резултати.

– Добро е што Димитриевска јавно кажа дека не се согласува со овие мерки на Владата и потврдува дека не се ефикасни. Но ја потсетуваме Кочовска дека веќе не е опозиција туку е министерка во Влада и води едно од најважните министерства. Ако не се сложува нека даде решение. Граѓаните очекуваат решенија за намалување на цените а не само мислења. За СДСМ е неприфатливо граѓаните да го носат товарот на економските потешкотии, Владата да презема мерки со задоцнување кои немаат никаков ефект а министерката којашто е најповикана да нема решение туку мислење.

За да поевтинат цените на производите кои значително скокнаа, Владата ја ограничи бруто профитната маржа на 10 отсто на едне месец. Сепак, граѓаните постојано се жалат дека не е поевтинето ништо. Во исто време ,заменик министерот за економија Марјан Ристески во гостување во ТВ24 наброја дел од производите за кои тврди дека се поевтинети и вели дека кај оние чија цена останала иста, ќе поскапеле, ако не била мерката. Од друга страна, од пазарниот инспекторат забележале изигрување на мерката, со намалување на грамажата на производите, за тие да не бидат опфатени со одлуката.