„Луфтханза“ најверојатно дополнително ќе го намали бројот на летови во Германија, изјави извршниот директор на германската компанија Карстен Спор во интервју за „Билд ам Зонтаг“, по најавата на ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ да престане со работа на три германски аеродроми.
Луфтханза и Кондор на почетокот на септември се пожалија на високите даноци на воздушниот сообраќај, безбедносните такси и контролата на летање, тврдејќи дека ги ставаат во полоша позиција во однос на конкуренцијата, пренесува ДПА.
„Во последните четири години трошоците за контрола на летање, безбедносни проверки и такси се двојно зголемени и денес изнесуваат седум милијарди евра годишно“, изјави шефот на Кондор, Петер Гербер.
Меѓународните превозници се повеќе ги избегнуваат германските аеродроми, што доведува до губење на врските со остатокот од светот, предупреди првиот човек на Кондор.
Шефот за човечки ресурси во Луфтханза, Мајкл Нигеман, ја критикуваше владината регулатива за одржливи авиогорива (SAF).
„Системот ќе регистрира само заминувања од Европската Унија, па приоритет ќе имаат центрите надвор од Европа“, објасни Нигеман.
Од 2025 година, авиокомпаниите кои летаат од ЕУ ќе мора да користат просечно два отсто одржливо гориво, а до средината на векот неговото учество треба да се зголеми за 70 отсто.
Нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ минатата недела објави дека поради високите даноци и такси, планира да ги прекине операциите на аеродромите во Дортмунд, Дрезден и Лајпциг следното лето. Тие планираат да ги намалат летовите од Хамбург за 60 отсто, а оние во германската престолнина Берлин за една петтина.