Не учат, не работат, а прашање е дали заработуваат на црно или само се надеваат на некакво вработување. Иако е неверојатно дека во подолг временски период не може да се дојде до работен ангажман, сепак Агенцијата за вработување евидентира 13.133 невработени лица коишто се пријавуваат осум или повеќе години, што ги прави стари и искусни чекачи. Чекачки има помалку, зашто повеќе од две третини се мажи. На тој пат се можеби и некои од оние што се на листите од четири до седум години.
Од друга страна, во Македонија се дефицитарни одредени струки, па решението се бара преку увоз на работна сила „поради сѐ поспецифичните барања на работодавачите“. Нема доволно работници во градежништвото, во угостителството и во производството, посочи неодамна заменик-директорката на АВРСМ, Весна Пешова.
Наспроти специфичните барања на работодавачите е образовното ниво на кандидатите за работа. Порталот Пари ги доби бројките од Агенцијата обработени токму за групата лица со најдолг стаж во евиденцијата. Сознанијата од оваа анализа, базирана врз податоците, но и од неофицијалните кажувања, е поразителна. Пред сѐ од аспект на образовното ниво, но и на стекнатото знаење од кое зјаат помали или поголеми дупки.
ПОВЕЌЕТО СЕ МАЖИ, БЕЗ ИЛИ СО МИНИМУМ ШКОЛО
За кусо време, од јули до септември, групата на долгогодишни клиенти на АВРСМ се зголемила за 15 лица. Во структурата на веќе споменатите 13.133 лица, доминантни се мажите. Тие претставуваат 66,3 насто, или со бројки, според септемвриската состојба, 8.707 лица. Останатите 33,7 насто, односно 4.426 лица, се жени коишто осум или повеќе години се во активна потрага по работно место.
Понатаму, во најголем дел се работи за луѓе коишто ја надминале петтата деценија. Со 50 или повеќе години се пријавени 8.289 лица, што претставува 63,1 процент. Лица на возраст до 49 години се 36,9 насто од невработените, или 4.844 лица.
Што се однесува до школската подготовка, најмногубројни се оние што застанале на почетното скалило. Без и само со основно образование се 8.485 од заведените во оваа листа (64,6 насто). Следуваат тие со тригодишно и четиригодишно средно образование – 3.988 (30,4 насто).
Меѓу чекачите има и 140 лица со завршено вишо образование. Тие се најмалубројни – 140, или 1,1 насто. А, пак, нецели четири насто од долгогодишните баратели зад себе имаат високо образование. Конкретно, забележани се 520 факултетлии.
Структура на невработени коишто чекаат работа 8 или повеќе години
Дали сите тие, за кои се чини дека кариерната определба им е чекањето работа, причината за тоа ја наоѓаат во добивањето некаква помош?
„Од невработените лица коишто чекаат вработување осум години или повеќе, со состојба од 30.09.2024 година, 1.021 (7,8 насто) невработени лица се корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, согласно со Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата“, велат од Агенцијата за вработување.
Тоа значи дека најголем дел од нив немаат финансиска корист од пријавувањето во АВРСМ. Оттаму е и претпоставката дека се активни во неформалниот сектор, односно заработуваат на црно.
Инаку, на последниот ден од септември се евидентирани 99.388 невработени лица. Што се однесува до чекањето некаква работна позиција – 27.224 лица (27,4 насто) се надеваат на вработување до 11 месеци, 27.756 лица (27,9 насто) од една до три години, а 31.275 лица(31,5 насто) од четири до седум години.
ОБРАЗОВАНИЕТО ВАДИ „ПРАЗНИ“ КАДРИ
Структурата на евиденцијата е поразителна, а причината во добар дел е образовниот систем, кој вади таканаречени празни кадри. Се случува и следново: магистер по трудово право не знае дека во бруто-платата се содржани придонесите, а магистер по историја вели дека студена војна е таа што се води во зима, укажуваат инволвираните во оваа проблематика, потенцирајќи дека тоа е вистина, а не виц.
Исто така, велат, според критериумите на ИЛО, долг период за чекање работа е повеќе од една година, а не осум или над осум години.
„Сликата кај тие што чекаат работа осум или повеќе години не е реална. Сигурно многумина се ангажирани во зоната на сивата економија. Или, пак, изгубиле навики за работа па ја користат социјалната помош што им следува во случај ако некогаш загубиле работно место. Пропуст е направен со промените од времето на министерката Мила Царовска, кога корисниците на социјална помош станаа активни баратели на работа за да се активираат на пазарот на трудот. Наместо саканиот, се доби спротивен ефект“, коментираат од Агенцијата и додаваат дека основната задача на АВРСМ е да посредува меѓу понудата и побарувачката на работна сила, но практика е работодавачите да се обраќаат само ако не можат да обезбедат работник на друг начин. Па, поради тоа во јавноста владее мислење дека не се успешни во процесот на посредување.
Исто така, посочуваат дека е во тек анкетата што се спроведува меѓу работодавачите за потребата од работна сила. Но, нагласуваат, низ сите анкети досега се провлекува фактот дека економската состојба не дозволува работодавачот да предвиди дали ќе отвора нови работни места.
Условите ги диктира и создава државата, преку спроведување на зацртаните политики. Една од нив е и Националната стратегија за вработување 2021 – 2027 година, изготвена со техничка помош од Меѓународната канцеларија на трудот (МОТ). Во неа се „идентификуваат упорните структурни предизвици што треба да се решат“. Па, според напишаното, до истекот на периодот треба да се постигнат стратешките цели за унапредување на целосно, продуктивно и слободно избрано вработување. Тоа подразбира: „подобрување на квалитетот на образовните исходи на сите нивоа; зајакнување на улогата на политиките за развој на економијата и претпријатијата во создавањето пристојни работни места; и зајакнување на инклузивноста на политиките на пазарот на трудот“. Притоа, очекувањата се дека „спроведувањето на овие цели ќе придонесе за намалување неусогласеност на вештините со потребите на пазарот на трудот, зголемување на учеството на возрасните во обуката, намалување на невработеноста на младите и на возрасните, намалување на родовиот јаз во вработеноста, како и намалување на уделот на лица со ризик од сиромаштија и социјално исклучување“.
Во реалноста, пак, Македонија е меѓу земјите со најголем одлив на образовани кадри, има расчекор меѓу понудата и побарувачката. Поради знаењата, способностите и вештините, одредени дејности „плачат“ за работници. Годишната квота е 20 илјади, а досега се издадени пет илјади позитивни мислења од АВРСМ за увоз на странска работна сила.
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/cekaci-so-