До 5-ти ноември живинарите ќе можат да поднесат барања за субвенции за одгледани и продадени бројлери, за амортизирани несилки и за произведени или продадени еднодневни бројлерски пилиња. Барањата и целосната документацијата се доставуваат до Платежната агенција …

Почна пријавувањето за субвенциите во живинарството обезбедени од Програмата за директните плаќања за 2024 година. Живинарите можат да аплицираат по три основи.

За финансиска поддршка за одгледани и продадени пилиња во кланични капацитети, за амортизирани несилки, и за еднодневни бројлери и женски пилиња од хибриди несилки.

Корисници се земјоделски стопанства кои имаат одгледано и продадено бројлери од октомври 2023 до септември 2024 година. Субвенцијата изнесува 40 денари за секоја живина.

За предадени амортизирани несилки за истиот период живинарите можат да добијат 150 денари по несилка, а производителите на пилиња имаат право на субвенција од 10 денари доколку ги продадат на други живинарски фарми.

Пријавувањето трае најдоцна до 5-ти ноември.

Прво до Платежната агенција електронски се поднесуваат барањата за субвенции, а потоа се доставува и целосната документација.

Помош при изработката на електронското барање може да се побара во подрачните единици на Министерството за земјоделство.