Според измените на Законот за акцизите, кои стапија на сила од почетокот на годинава, предвидено е усогласување на акцизната стапка кај цигарите со минималната акцизна стапка во ЕУ, како и изедначување на учеството на вкупната акциза на цигарите во пондерираната просечна малопродажна цена со онаа пропишана во Директивата на ЕУ
Одредени брендови на цигари од денес во трговијата се продаваат поскапо за 10 денари. Трговците велат дека до крајот на неделата и останатите ќе поскапат, а неофицијално, причината е да се пресретне јануарското поскапување на акцизата, со што ќе одат повеќе пари во државната каса.
Според измените на Законот за акцизите, кои стапија на сила од почетокот на годинава, предвидено е усогласување на акцизната стапка кај цигарите со минималната акцизна стапка во ЕУ, како и изедначување на учеството на вкупната акциза на цигарите во пондерираната просечна малопродажна цена со онаа пропишана во Директивата на ЕУ. Според Државниот завод за статистика лани едно македонско семејство купило 119 кутии цигари, односно секој Македонец испушил по 39 цигари. Земјоделските семејства пушат повеќе покажува истата статистика – тие лани купиле дури 153 кутии цигари.
Согласно измените на Законот за акцизите усвоени во октомври 2023-та, цигарите, пурите, несогорливите тутунски производи и течноста за електронски цигари ќе поскапуваат секоја година на 1 јануари. Со овие измени, Владата предвиде дополнително зголемување на приходите во буџетот за околу 13 милиони евра годишно.
Најновото поскапување е дел од стратешкиот план на Министерството за финансии, кое предвидува дека секој октомври до 2030 година, цената на цигарите ќе расте за истата сума. Одлуката има за цел да се зачува здравјето на луѓето, да се намали потрошувачката на тутун и да се зголемат државните приходи, но јавноста реагираше негативно.
Инаку, во изминативе десеттина години, цената на една кутија цигари се зголемуваше во просек по 5 денари, поради редовното годишно зголемување на акцизата, давачка која ја воведе државата во 2013 година со цел да го дестимулира пушењето.
Во овој период, кутија цигари поскапе двојно. Во моментов кутија цигари чини минимум 110 денари.
Македонија во моментов се наоѓа на 19-то место помеѓу 50-те светски лидери по производство на тутун, рангирани од Светската организација за храна и производство.
Лани во Макеонија биле увезени пури, цигарилоси и цигари, тутун или замени за тутун во вредност од 25 милиони долари, покажуваат податоците на Тренд Економи. Ова е зголемување од над 5 милиони долари во однос 2022 година. Увозот на овие производи учествува со 0,212 отсто во вкупниот увозен проток во земјава, кој лани изнесуваше 12 милијарди долари. Врвни трговски партнери за увоз на тутунските производи, според Тренд Економи во 2023 година, биле Србија со учество од 79 отсто (20 милиони УСД) Германија со учество од 6,63 отсто (1,69 милиони УСД), Полска со учество од 6,41 отсто (1,64 милиони УСД), Грција со учество од 4,21 отсто (1,07 милиони УСД), како и Хрватска, Куба, Кореја, Никарагва и Доминиканската Република.
Половина од возрасните луѓе во Македонија (45,4 отсто) пушат, што е далеку над ЕУ просекот за употреба на тутун (29 отсто). Просечен Македонец пуши во 20 цигари дневно, а во прилог на ваквата зависност е тоа што земјата има најниска цена на цигари во регионот и Европа. Според истражувања на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), бројот на пушачи кои успешно се обиделе и откажале од пушењето е многу низок и изнесува 5 проценти.
– Во 2023 година во советувалиштата за откажување од пушење се јавиле само 43 луѓе, што е многу мала бројка. Односно, нема голема заинтересираност за откажување од пушењето кај населението – потенцираа од ИЈЗ на 31 Мај – Светскиот ден за борба против тутунот.
Пушењето меѓу младите останува распространето и се зголемува во одредени нации. Според достапните информации, над 38 милиони млади луѓе на возраст меѓу 13 и 15 години користат некаков облик на тутун.
– Во 2022 година, сцените со тутун се зголемија за 110 отсто во популарните емисии кај младите од 15 до 24 години, често прикажувајќи го пушењето како гламурозно и „кул“. Според „Иницијативата за вистина“, младите имаат до трипати поголема веројатност да почнат да пушат кога се изложени на слики за пушење на екранот – наведоа од ИЈЗ.