Од идниот месец ќе се применува новиот безданочен режим за бакшиш што го добиваат вработените во Грција. Новата реалност и постојаното зголемување на употребата на ПОС во трансакциите го наведоа финансискиот персонал до одлука да го промени начинот на оданочување на бакшишот од страна на стотици илјади работници во ресторани и бизниси кои не се регулирани со колективни договори, пишува Нафтемборики. Измените кои ќе бидат содржани во предлог-закон на Министерството за национална економија и финансии што ќе биде доставен во наредниот период, предвидуваат: Бакшишите кои потекнуваат преку ПОС и за сума до 300 евра се ослободени од данок на доход и придонеси за осигурување.

Доколку месечниот износ на бакшишот надминува 300 евра месечно, тогаш тие ќе се додадат на приходот на вработениот и ќе се оданочуваат врз основа на важечките даночни стапки. Бакшишите ќе бидат целосно ослободени од придонеси за осигурување без разлика на износот што го достигнуваат месечно, односно дури и да се над 300 евра. Зошто постои различен третман во данокот на доход во однос на придонесите за осигурување? Како што објасни министерот за национална економија и финансии, Костис Хаџидакис, „многу голем дел од придонесите за осигурување, во најголема мера ги плаќаат работодавачите. Но, овде бакшишот му го дава клиентот на вработениот. Мислам дека не би било многу разумно работодавачот да плаќа придонеси за нешто што не го засега“.

За границата од 300 евра, која е целосно ослободена и од даноци и од социјални придонеси, земен е предвид фактот дека има многу работници главно во угостителството, кои се хонорарци и затоа имаат ниски плати. Од друга страна, има многу фирми во кои вработените не добиваат бакшиш или се оданочуваат нормално, на пр. за бонусите што ги добиваат. Регулативата се однесува на ресторани, фризерски салони и секаде каде што има бакшиш, кој по желба му го даваат клиентите на бизнисот на вработениот и не е предвиден во редовни плати.