Процедурата за префрлање на средствата од унгарскиот заем е веќе завршена и денеска се очекува да легнат на сметката на Народната банка, а веќе утре да се трансферират во Буџетот, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа најави дека веќе е започната и процедурата за повлекување на втората транша од заемот која ќе се искористи за отплата на еврообврзницата што доспева во јануари 2025 година.

– Секторот од Министерството за финансии ме информираше дека сѐ е подготвено и очекувам средствата да бидат префрлени на сметката во Народната банка, а потоа ќе бидат насочени кон општините и компаниите. Проектите на општините кои ќе бидат финансирани од средствата се веќе избрани. Износот што го побараа општините за реализација на нивните проекти беше поголем, при што важно беше тие да бидат во завршна фаза за да може да придонесат и кон економскиот развој – рече Димитриеска-Кочоска за телевизија Алфа.

Во однос на оној дел од заемот што е планиран за бизнис секторот рече дека в петок ќе има средба со Македонската банкарска асоцијација на која ќе се разговара за распределба на средствата кон компаниите, кои ќе бидат распределени по завршување на постапката за нивно префрлање во Развојната банка.