Финансиската област Сквер Мајл во Лондон изгуби илјадници работни места како резултат на Брегзит, изјави во четвртокот градоначалникот на градот Лондон, кој е и амбасадор на градската област, Мајкл Мејнели. Одлуката на Обединетото Кралство да ја напушти Европската Унија, тој ја нарече „катастрофа“. Како што додаде, гореспоменатата финансиска област изгубила десетици илјади работни места како резултат на Брегзит, пренесува порталот EуроЊус.
Сметан за еден од водечките финансиски центри во светот, Сквер Мајл инаку вклучува институции како Банката на Англија, Лојд’с оф Лондон осигурителен и реосигурителен пазар, други меѓународни банки, правни фирми и осигурителни компании. Како што објасни Мејнели, околу 40.000 луѓе останале без работа во овој округ како резултат на Брегзит.
„Во 2016 година имавме 525.000 работници, според мојата проценка изгубивме нешто помалку од 40.000“, изјави Мајнели за Ројтерс, објави Н1 Словенија.
Во исто време, тој објасни дека ситуацијата во последно време е подобрена поради проширувањето на осигурителната и индустријата за податоци. Во моментов, според неговата проценка, во Градот има приближно 615.000 работни места. Тој додаде дека Сквер Мајл генерално била про-ЕУ во дебатата за Брегзит пред осум години, додавајќи дека гласале за останување во Унијата.