По вчерашното фијаско на СДСМ со поднесувањето на Законот за минималната плата, денеска посведочивме на уште еден демант на потребата на СДСМ да фабрикува економски теми кои што немаат никаква врска со реалноста. Додека пратеничката Тренчевска држеше прес-конференција, квалификувајќи ги мерките на Владата дека не дале резултат, излезе соопштение во кое што синдикалната кошничка на ССМ покажа дека мерките на Владата дале резултати и дека цената на храната за еден месец е намалена за 935 денари, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Пратеникот го поздрави и фактот дека синдикалната кошничка се намалила за 57 денари, но, како што вели, доколку ги видете контрибуторите во кошничката, драстичното ненамалување не доаѓа заради мерките на Владата, заради поскапувањето на цената на облеката.
Според него, мерките со проширената позитивна листа на лекови дадоа резултати, како и мерката за ограничување на маржите.
-Апелираме до пратеничката група на СДСМ да станат посериозни и да не се случуваат технички грешки, како со амандманите за ребаланс на Буџетот. Во Собранието треба сериозна опозиција, додаде Стојаноски.
Пратеникот не смета дека е сериозно да се поднесуваат закони каде што ќе се промашуваат проценти кои што не се толку блиски за да бидат техничка грешка. Според него, СДСМ само креира политика и вели дека вакви решенија не заслужуваат сериозен коментар.