Норвешкиот државен фонд денеска објави добивка во третиот квартал од 835 милијарди норвешки круни (околу 70 милијарди евра), а како причина за таквиот успех го наведе растот на берзата поради падот на каматните стапки.
Таканаречениот државен пензиски фонд „Глобал“, еден од најголемите светски инвеститори, објави дека на крајот на септември имал пазарна вредност од 18,870 милијарди круни (околу 1,6 трилиони евра), објави Си-Ен-Ен.
Вкупниот принос на фондот за третиот квартал изнесува 4,4 отсто, што е за 0,1 процентен поен понизок од приносот на референтниот индекс утврден од норвешкото Министерство за финансии.
Акциите, кои сочинуваа 71,4 отсто од фондот во третото тримесечје, вратија 4,5 отсто, додека вложувањата со фиксен приход, кои сочинуваа 26,8 отсто од активата на фондот, изнесуваа 4,2 отсто во периодот.
Заменик-извршниот директор на Norges Bank Investment Management (NBIM), кој управува со најголемиот светски државен фонд во светот, Тронд Гранде, рече дека неодамнешните промени во монетарната политика имале прилично значајно влијание врз резултатите на фондот во третиот квартал.
„Тоа беше прилично успешен квартал, кој започна со голема нестабилност на пазарот во текот на летото во јули и август, а откако ФЕД ги намали референтните каматни стапки, имаше позабележителен раст на берзата врз основа на помалите каматна стапки“, рече тој.
Суверениот фонд на Норвешка, најголемиот во светот, е основан во 1990-тите за да инвестира вишок приходи од секторот за нафта и гас во земјата, а до денес има инвестирано пари во повеќе од 8.760 компании во 71 земја ширум светот, наведува Си-Ен-Ен.