Во соопштението на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) се вели дека паричната маса (монетарниот агрегат М41), во март, бележи благо месечно намалување од 0,2%. Остварувањето произлегува од намалувањето на депозитните пари и краткорочните депозити, во услови на раст на долгорочните депозити и готовите пари во оптек. На годишна основа, паричната маса е зголемена за 7,6%, при што најголем придонес во растот имаат депозитните пари и долгорочните депозити коишто објаснуваат 92% од годишната промена.
Во март, вкупните депозити на месечна основа бележат пад од 0,3%, како резултат на намалените депозити на корпоративниот сектор. Од друга страна, на годишна основа е остварен раст од 7,1%, којшто во поголем дел (71,1%) е резултат на зголемувањето на депозитите на домаќинствата. Кај вкупните кредити е забележана нагорна месечна промена од 0,3%, којашто во целост се должи на зголеменото кредитирање на секторот „домаќинства“. Годишниот кредитен раст изнесува 5,8% и во поголем дел произлегува од растот на
кредитирањето на секторот “домаќинства“ (76,2%)
Вкупните депозити на корпоративниот сектор на месечна основа се намалени за 2,0%, главно заради падот на денарските депозити. На годишна основа, депозитите се зголемија за 4,1%. Анализирано од аспект на валутната структура, придонес кон годишниот раст имаат девизните, но и денарските депозити (53,5% и
46,5%, соодветно).
Кај кредитите на корпоративниот сектор во март е забележан месечен пад од 0,2%. Во услови на раст на денарските кредити, месечната промена во целост се објаснува преку намалувањето на девизните кредити. Споредено на годишна основа, остварен е раст на кредитната активност од 2,5%, како резултат на зголеменото денарско кредитирање, при намалено кредитирање во странска валута.
Вкупните депозити на домаќинствата забележаа месечен раст од 0,3%, којшто се должи на денарските депозити (главно долгорочни депозити и депозитни пари), при минимален пад на девизните депозити. Анализирано на годишна основа, остварена е стапка на раст од 7,3%, којашто произлегува од растот и на денарските и на девизните депозити, при поизразен придонес на депозитите во денари (62,2%).
Кај вкупните кредити на домаќинствата е евидентиран месечен и годишен раст од 0,9% и 9,4%, соодветно. Притоа, нагорната промена на месечна и годишна основа е резултат на зголемената кредитна активност кон домаќинствата преку денарски кредити (учество во растот од 85,7% и 89,2%, соодветно).
Од аспект на намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапената категорија ‒ потрошувачките и станбените кредити, е забележан идентичен месечен раст од 1,2%, соодветно, при годишен раст од 10,7% и 15,4%, соодветно. Автомобилските кредити во март бележат месечно и годишно зголемување од 0,8% и 2,9%, додека кредитите одобрени на кредитни картички се непроменети на месечна основа, а забележаа годишен пад од 1,1%.
Овој месец, кај негативните салда на тековните сметки е евидентирано месечно намалување од 1,9%, при годишно зголемување од 0,4%. Во март, кредитите одобрени врз други основи остварија минимален месечен раст од 0,1%, додека на годишна основа забележаа намалување од 0,5%.