До 75% поевтини катастарски услуги. Стапија на сила новите намалени цени. Граѓаните задоволни – велат дека новите тарифници ќе им олеснат во плаќањата на катастарските услуги и ќе им го олабават и онака преоптеретениот буџет. Сметаат дека ваквата одлука била потребна уште од многу поодамна.
Ако досега граѓаните при купопродажба на стан и паркинг простор плаќаа за четири имотни листови, вклупно 5.000 денари, со новите промени, оваа услуга ќе ги чини само 1.250 денари, без разлика на бројот на имотни листови. Дополнително со ова намалуање се опфатени и наследните решенија и договорите за дар, каде отсега ќе се наплаќа по правен основ во една катастарска општина во инзос од 1.250 денари, а не како досега за секој имотен лист по 1.250 денари.
Директорот на катастарот, Иван Живковски, рече дека со оваа новина се исполниле ветувањата на владата за пониски цени, на голем дел од услугите на Агенцијата. Тој и се заблагодари на Владата за поддршката што го прифатила нивниот предлог, и дека на овој начин се потврдило дека граѓаните на Македонија се нивен приоритет.
Живковски посочи дека со намалените цени се завршува и процесот на кој активно се работеше во изминатите два месеци и дека во следниот период фокус ќе биде ставен на дигитализација на катастарот со цел услугите да бидат уште подостапни за граѓаните и правните лица.
Инаку претходната власт ги поскапе катастарските услуги за три пати. Во февруари за упис на новокупен стан за имотен лист, наместо 1250 денари, граѓаните мораа да плаќаат дури 3750 денари. Мораа да плаќаат и плус 600 денари за нотарски услуги, а ако сакаа да купат и гаража требаа да платат за уште еден имотен лист дополнителни 1250 денари.