Скопскиот и Охридскиот аеродром во 2025 година ќе се поврзат со шест нови авиолинии, соопшти денеска на прес-конференција министерот за транспорт Александар Николоски.
Од Скопскиот аеродром ќе се лета до Дубаи, Барселона, Лион, Штутгарт, а охридскиот аеродром се поврзува со Истанбул и со Базел Милхауз.
Од 30 март следната година двапати неделно ќе се лета на релација Скопје – Дубаи – Скопје, летовите Скопје – Барселона – Скопје ќе бидат достапни од 30 јуни, а од 30 јули трипати неделно ќе се лета Скопје -Лион – Скопје и Скопје – Штутгарт – Скопје.
На охридскиот аеродром, од 30 март се отвораат линиите Охрид – Базел – Охрид која ќе лета двапати неделно и редовната линија Охрид – Истанбул – Охрид која ќе лета четири пати неделно.
– Повикот што го распишавме во септември за нови авионски линии ги дава првите резултати – изјави Николоски додавајќи дека шесте нови авионски линии до скопскиот и охридскиот аеродром треба да донесат бројни нови туристи во Македонија и да го олеснат патувањето на нашите граѓани во странство.
Четирите авиолинии до Штутгарт, Барселона, Лион и Базел Милхауз ќе ги оперира „Визер“.
Министерот информираше дека државата субвенционира 12 евра по патник на доаѓање на охридскиот аеродром и 9 евра по патник на доаѓање на скопски аеродром. Тој рече дека се очекуваат 200.000 патници плус со новите линии.
Тој додаде дека во летниот период од скопскиот аеродром оперирале 47 дестинации, а од охридскиот осум, додека во зимскиот 33 од скопскиот и четири од охридскиот аеродром. Целта е во 2025 година да има 200 илјади патници плус на двата аеродроми.