Премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон го молел раководството на „Бехтел и Енка“ да не активира казнени клаузули од, како што рече, 100-тина милиони евра.
– Првата средба со Бехтел и Енка ја имав во Вашингтон и молев. Требаше да ни наплатат 100 милиони евра зашто немаа фронт за работа. Молевме, да молев и ќе молам ако треба да го заштитам секој денар на граѓанинот на Македонија. И, што направивме? Заедно со потпретседателот на владата и директорот на „Државни патишта“ со претставници од компанијата излеговме на истотото место (Гостивар – Букојчани) каде што претходно се пукаа петарди, за да означиме отворен фронт со расчистени имотно правни односи и траса на која може конечно да се работи, рече Мицкоски.
Филипче како пратеник во Собранието го праша Мицкоски зошто организирале промотивен настан со „Бехтел и Енка“ на траса од изградбата на проектот Коридор 8 и Коридор 10Д, кога ВМРО-ДПМНЕ на времето како опозиција биле против овој договор со американско-турскиот конзорциум, на што премиерот одговори дека неговата партија била против посебните закони.
– Тоа што вие го направивте,посебно во проектот за изградба на Коридор 8 и Коридор 10 беше понижување за министерот за транспорт и тогашниот премиер. Ги доведовте во подредена положба, да им се смеат и да се мајтапат со вашите коалициони партнери кои играа фудбалчињ, на начинот на кој што овде во парламентот носевте закони кои немаа врска со европските закони. Ги злоупотребувате и европските вредности и македонскиот устав, истакна Мицкоски.
Премиерот додаде дека договорот со конзорциумот не може да се раскине затоа што би се платиле стотици милиони евра казнени пенали.