Владините мерки за ограничување на маржи ќе продолжат, но се подотвора вратата за разговори кои би придонеле за можни измени на делови од Законот за нефер трговски практики. Ова се главните заклучоци од панел-дискусијата на 10 FMCG SUMMIТ.

На вчерашниот 10 FMCG SUMMIT, во организација на Кликер маркетинг и магазинот InStore, се одржа панел-дискусија на тема Како до FAIR PLAY во малопродажниот сектор? Своите мислења, коментари и решенија ги споделија Марјан Ристески, заменик-министер за економија, Виктор Петков,  генерален менаџер и сопственик на „Випро“, Џемаил Даути, генерален директор на „Даути комерц“ и Драган Иванов, генерален менаџер на ЛКА. Покрај панелистите, свое мислење, преку спроведена онлајн-анкета, дадоа и другите учесници на самитот.

Претставниците од секторот со конкретни аргументи го искажаа незадоволството од владините мерки за ограничување на маржи. Според нив мерките немаат ниту социјално, ниту економско влијание, а дополнително не ги намалуваат крајните цени. Тоа го покажаа и бројките од последната потрошувачка кошница. Сепак, според заменик-министерот Ристески, треба да се слушне мислењето на граѓаните, треба да се мисли на нив и да се направи сè за намалување на цените.

Претставниците на секторот, панелистите, но и испитаниците преку онлајн-анкетата, се согласија дека е потребен Законот за нефер трговски практики, но од друга страна сметаат дека нема да ги даде очекуваните резултати. Причината ја гледаат во недоволно јасно формулираните членови од законот. Предизвици во работењето од овој закон, кои беа истакнати:

• Страв дека Комисијата за заштита на конкуренцијата навистина ќе може добро да го регулира овој закон;
• Неможност да се направи поврат на производи кои се купуваат на дневна основа што може да придонесе за out of stock и директна загуба и за двајцата партнери (производител и продавач);
• Со забраната за маркетинг-активности се нарушува главната алатка за промоција на производите, но и се намалува можноста за промоција и развој на нови производи;
• Предвидениот рабат од 10% на одредени производи е штетен за трговците.

Панелистите, и секторот и заменик-министерот, се согласија дека Законот за нефер трговски марки е донесен за да ги регулира односите меѓу играчите во синџирот на снабдување, но не и заради намалување на цените за крајните потрошувчи, како што претходно беше најавувано.

Законот е добар, но треба да се земат предвид техничките недоследности за да може добро да функционира. Токму затоа, заменик-министерот Ристески, најави дека до Нова година ќе се врши мониторирање и остава подотворена врата за да се слушне гласот на секторот.