Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на дернешната прес-конференција рече дека следната година во буџетот за 2025 ќе има 17 милијарди денари повеќе за поддршка на Фондот за пензиско осигурување, што е околу 276 милиони евра плус.
– Одобрени се 15 милијарди денари за ставката за пензии, плус 2 милијарди денари за Фондот за здравство за здравственото осигурување, потврди министерката како одговор на новинарско прашање.
Буџетот за 2025 денеска ќе бид еподнесен во Собранието, а во истиот се предвидени околу 200 милиони евра повеќе за зголемување на платите во јавниот сектор и администрацијата.
– Во однос на платите, има 3,5 милијарди денари за плати, 2 милијарди има повеќе за дотации,тоа се во ставката образование нели, во делот на Фондот за здравство 5,2 милијарди денари имаме плус,тие треба да ги обезбедат платите дополнително на здравствените работници. Плус имаме 2 милијарди денари како резерва за кои ќе знаеме како ќе се трошат во зависност од тоа што е договорено на економско-социјалниот совет, дополни Димитриеска Кочоска.
Министерката рече дека за 500 милиони денари има зголемување за социјални трансфери, но и дека ќе функционира единствен регистар на податоци за правилно искористување на средствата за социјална помош.