Во предлог-буџетот за 2025 година има резервирано пари за евентуално зголемување на минималната плата во висина од 2 милијарди денари. Ова го изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска- Кочоска, образложувајќи го предлог-буџетот.
– Плус имаме 2 милијарди денари како резерва, за кои ќе знаеме како ќе се трошат во зависност од тоа што е договорено на Економско-социјалниот совет што го предводи министерот за економија – истакна министерката.
Таа рече дека државната каса ветува реална реализација на планираните 50 милијарди денари (830 милиони евра) за капитални инвестиции. Според неа, проектите за изградбата на автопатот Скопје – Блаце и Кичево – Букојчани покажуваат дека во минатото немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции.
– Она што бев многу шокирана изминативе денови беше тоа дека имаме одобрено средства за изградба на Скопје – Блаце и на Букојчани – Кичево, што се поразлични кредити од она што е сега проектот за коридорот 8 и коридорот 10, одобрени уште во 2021 година. Се поставува прашањето зошто не се почнало со реализација на тие проекти. Кој е виновен за тоа? Парите се одобрени, едниот од ЕИБ, а другиот беше, чинам, од ЕБРД. Значи, два проекта 3-4 години наназад, одобрени заедно во соработка со претходната Влада. Ова само покажува дека немало воопшто никаков интерес за реализација на капитални инвестиции – истакна Димитриеска-Кочоска.
Планирани се 15 милијарди денари зголемување на ставката на пензии, уште 2 милијарди денари зголемување кон Фондот за здравствено осигурување по овој основ. Тоа се средства кои како што растат пензиите така треба, како процент, да се зголемуваат и кон Фондот за здравствено осигурување. Кај социјалните трансфери има околу 500 милиони денари зголемување.
Буџетот за 2025 денеска ќе биде поднесен во Собранието, а во него се предвидени околу 200 милиони евра повеќе за зголемување на платите во јавниот сектор и во администрацијата.
– Во однос на платите, има 3,5 милијарди денари за плати, 2 милијарди има повеќе за дотации,тоа се во ставката образование, нели, во делот на Фондот за здравство 5,2 милијарди денари имаме плус, тие треба да ги обезбедат платите дополнително на здравствените работници – рече министерката.
Таа беше децидна дека трансфери за ЕСМ нема, дека се предвидени трансфери во однос на одредени јавни претпријатија, но во многу помал износ или се пренасочени на други ставки.
Владата, на седница во вторникот, го усвои предлог- буџетот за 2025 година, со проектирани приходи во вредност од 5,8 милијарди евра и расходи 6,5 милијарди евра. По доставувањето во Собранието, следува 10-дневна расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет. Буџетскиот дефицит е проектиран на четири проценти, а инфлацијата на 2,2 процента.