Годишната стапка на инфлација во Турција падна во октомври од 49,38 отсто во септември на 48,58 отсто, објави денеска Турскиот институт за статистика (Туркстат). Ова е петти последователен пад на годишната инфлација во Турција, која сега е најниска од јули 2023 година.

Цените на домувањето, водата, струјата, гасот и другите горива се зголемени за 89,39 отсто, транспортот за 26,14 отсто, мебелот, покуќнината, рутинското одржување на куќите за 39,22 отсто, но во сите наведени категории има годишно годишно зголемувањето на цените беше побавно отколку во септември.

За разлика од нив, цените на храната и безалкохолните пијалоци во Турција во октомври пораснале за 45,28 отсто, со побрзо темпо во однос на септемвриските 43,72 отсто. На месечно ниво инфлацијата е зголемена за 2,88 отсто во однос на септември, особено цените на облеката и обувките за повеќе од 14 отсто, објави сајтот Туркстат.

Централната банка на Турција  на 17 октомври одлучи да ја задржи референтната каматна стапка на 50 отсто седми пат по ред. Комитетот за монетарна политика на Централната банка на Турција тогаш забележа дека трендот на базичната инфлација во Турција се зголеми на крајот на третиот квартал од 2024 година, бидејќи повисоката инфлација во услужниот сектор неутрализираше забавен раст на базичната инфлација, објави Блумберг.

Следниот состанок на централната банка на Турција за монетарната политика ќе се одржи на 21 ноември, пренесува Танјуг.