Денеска во хотелот „Мериот“ се одржа традиционалниот 11-ти Ерсте инвеститорски појадок, настан во организација на Ерсте Групацијата и Шпаркасе Банка АД Скопје. На настанот учествуваа истакнати експерти од економскиот сектор и водечки претставници на финансиските институции, кои споделија свои видувања за актуелните макроекономски предизвици. Нивните разговори се фокусираа на стратегии за постигнување одржлив раст и економска стабилност, што е од големо значење за напредокот на локалниот и на регионалниот пазар.
Конференцијата ја отвори г-а Нина Неданоска, заменик-претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка, која истакна дека Банката е посветена на поддршка на македонската економија преку различни иницијативи и соработка со локални бизниси и институции.
„Северна Македонија се соочува со различни макроекономски предизвици и трендови. Економскиот амбиент во државата секогаш е под влијание на низа фактори, домашни и надворешни, кои несомнено го диктираат темпото на економската активност.
Последните очекувања за следниот период покажуваат тенденции за надолна ревизија на инфлациските очекувања, што може да укаже на подобрување на економските услови или на ефектите од монетарната политика.
Ние веќе 16 години активно работиме на македонскиот пазар, а сме дел од австриската банкарска групација Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе, која следната година прославува 200 години и брои 17 милиони клиенти и во 2023 година оствари 3 милијарди евра профит.
Гледано низ призма на стабилност, искуство, експертиза и европски трендови, на македонскиот пазар, Шпаркасе Банка е значаен двигател на македонската економија и силен партнер на корпоративниот сегмент и сегментот население“ – изјави г-а Неданоска.
На конференцијата говореше и г-а Ана Митреска, вицегувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија, која ја анализираше улогата на институцијата во постигнувањето одржлив раст и намалување на инфлацијата.