Народната банка не знае детали од разговорите меѓу банките и Владата за унгарскиот заем и воопшто не е вклучена во овој процес. Ќе може да излезе со став откако ќе има подетални сознанија.
-Не сме вклучени во овој процес. Не ги знаеме деталите од разговорите. Кога ќе имаме подетални сознанија за разговорите и договорот меѓу банките и Владата, тогаш ќе можеме да излеземе со наш став, рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска откако ги презентираше есенските макроекономски проекции.
Во врска со најавите на Владата за дополнителни задолжувања, гувернерката напомена дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стаблизирање на јавниот долг.
-При нашите проекции ја земаме предвид најновата фискална стратегија која беше неодамна донесена и која предвидува патека на фискална консолидација, односно од буџетски дефицит 4,9 проценти оваа година, негово постепено намалување и сведување на околу три отсто во 2027 година. Нема дилема дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стабилизирање на јавниот долг, дополни Ангеловска-Бежоска.
Уште еднаш порача и дека стабилноста на јавните финансии е клучна од два аспекта: за среднорочна одржливост на јавниот сектор (за да може државата да го подготви и изгради својот капацитет за справување со натамошни, идни шокови), како и за поддршка на монетарната политика. Колку фискалната политика е попрудентна, тоа, напомена гувернерката, создава поголем простор за релаксирање на монетарната политика, односно посоодветни услови за обезбедување финансиска поддршка на компаниите и на граѓаните преку пониски каматни стапки.
Според есенските проекции на Народната банка, девизните резерви достигнаа 4,9 милијарди евра што е нешто над четиримесечен увоз на стоки и услуги што се оценува како сосема соодветно ниво и во линија со монетарната стратегија на одржување стабилен девизен курс на домашната валута во однос на еврото.
Во однос на странските директни инвестиции, проекциите на среден рок се 4 отсто од БДП.
-Ова е слично ниво како во изминатите две години или малку пониско од тие 4,3 проценти во просек. Остварувањата продолжуваат да бидат солидни и првата половина од оваа година, беа подобри и од нашите очекувања. Приватните трансфери лани надминаа две милијарди евра, беа историски највисоки, па среднорочно сме попретпазливи и очекуваме нивно стабилизирање, рече гувернерката.