Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за 360 степени вели дека ќе има зголемување на пензиите линеарно за за 2.500 денари во март, а се уште е неизвесно какво ќе биде коригирањето во септември в година. Освен во образованието ќе има раст на платите и во секторот здравство но според Кочоска за таму се чека постигнување на конечен договор.
„Стојам уште на ставот за раст на платите на средномедицинскиот персонал, со тоа што треба да се види генерално во делот на општите лекари. Тие се малку со пониски плати. И за капитацијата треба да се види и други работи да се променат. Зборувам за младите лекари кои завршуваат и се вработуваат“, рече министерката.
Како што рече, веќе е во процедура најавеното вработување на околу 600 специјализанти.
Прашана за медицинските работници кои со години работат со договор на дело, за кои министерот за здравство Арбен Таравари рече дека се околу 2 500, Димитриеска-Кочоска одговори дека таа располага со помала бројка и дека за нив ќе треба да реши Фондот за здравствено осигурување.
Димитриеска-Кочоска информираше дека пензиите во март ќе бидат линеарно покачени за 2.500 денари. Но, нејасно е за колку ќе бидат зголемени во септември 2025 година.
„Не сме одлучиле, јас стојам на ставот дека треба повторно да биде линеарно, колку и да излезе зголемувањето на вкупниот износ, ќе се распредели по пензионер. Но, ќе биде под 2.500 денари затоа што параметрите кои се преземаат во пресметката се многу ниски“, додаде министерката.