Кинескиот трговски суфицит е на пат да достигне нов рекорд оваа година. Според проценките на Блумберг, разликата помеѓу извозот и увозот на стоки во Кина би можела да достигне речиси 1 трилион долари до крајот на 2024 година, доколку продолжи да расте со исто темпо.

Во првите десет месеци од годинава, трговскиот суфицит на Кина се зголемил на 785 милијарди долари, што претставува највисоко ниво во овој период од јануари до октомври, откако започнала да се води ваква статистика. Ова е зголемување од речиси 16% во споредба со истиот период во 2023 година.

Кина во голема мера се потпира на извозот за да го надомести слабото домашно побарување. Само неодамна, кинеските власти започнаа да преземаат мерки за стимулирање на економијата, со цел да го поттикнат растот.

Сепак, кинескиот извоз се соочува со значителни предизвици. САД, Европската унија и други земји воведоа повисоки увозни давачки за голем број производи од Кина, вклучувајќи електрични возила и челик.

Дополнително, Доналд Трамп, кој победи на изборите за претседател на САД, најави дека увозните давачки за кинеските производи би можеле да се зголемат на 60%. Ова е наведено во анализа на германскиот економски институт Ифо (Ifo), презентирана минатата недела.