Ние како текстилна индустрија, долги години сме во слободен пад, а сега случувањата во германската економија се катализатор за забрзување на тој процес, вели Ангел Димитров, сопственик на светиниколската „Мода“ и претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија
Македонските текстилни компании добиваат се помалку нарачки од странство. Познато е дека нашата текстилна индустрија е „лон производство“ што значи дека со материјали и шаблони пратени од странските компании, шие облека, постелнина или прави некаков текстил по нарачка од тие компании. Македонските текстилни компании се многу зависни од германската индустрија, а сигналите од тамошната економија не се поволни.
Ангел Димитров, сопственик на светиниколската „Мода“ и претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, вели дека во Македонија веќе има затворање на текстилни компании и дека многу компании наскоро ќе мора да почнат да го намалуваат бројот на работниците.
– Сега бев во Германија. Таму состојбата не е добра. Луѓето се уплашени, добиваат инструкции дека треба да се снабдуваат со вода, со храна, се чистат скривниците… Како во такви услови да размислуваат за набавка на облека, или за нов автомобил. Ние како текстилна индустрија ги делиме истите проблеми со овдешните компании од автомобилската индустрија. Ако не се смири војната во Украина, ќе биде и полошо – вели Димитров.
Тој вели дека трендот на опаѓање на текстилната индустрија кај нас почнал уште од 2010 година, но дека сега тој процес забрзано се одвива.
– Ние како текстилна индустрија, долги години сме во слободен пад, а сега случувањата во германската економија се катализатор за забрзување на тој процес. Еве, во нашата компанија конкретно, имаме осигурена работа за до крајот на јануари. Сега се прават преговорите за новата сезона, но веројатно ќе има намалување на нарачката од 3.500 на 3.000 парчиња дневно, што значи дека 50 луѓе ќе мора да отпуштам. А таква е состојбата и во сите други текстилни компании – вели Димитров.
Тој укажува дека веќе десетина години ние сме скапа дестинација за шиење.
– Главно одат во Бангладеш. Едно е политика и тоа што се зборува дека Европа треба да го лоцира производството во Европа, а друго се интересите на профитот – забележува Димитров.
Покрај проблемите со нарачките, секторот се соочува и со домашни проблеми. Кластерот на текстилни компании во понеделникот одржа состанок на Управниот одбор, по кој излезе со апел државата да им го направи повратот на ДДВ.
– Набавката на репроматеријали од странство, бидејќи во Македонија не постои базно производство, е поврзана со уплата на високи износи на ДДВ, особено кога станува збор за скапи и квалитетни ткаенини. Овие износи, поради извозната ориентираност на гранката, до месец април 2024 година редовно се враќаа на месечен или тромесечен основ, но од април настапи застој и неповрат на средствата. Суштината на ДДВ е компаниите да го пресметуваат и да го плаќаат при продажбата, но да добиваат поврат на влезниот данок. Без ова да функционира, компаниите се оптоваруваат со огромни износи на ДДВ, спротивно на законот. Истото се случува и со повратот на уплатени придонеси кај заштитните друштва каде што се доцни со поврат и над шест месеци – велат од Кластерот.
Според податоците од Државниот завод за статистика, нашите продажни цени на текстилот извезен во странство се зголемиле за 6,3 проценти, а на облеката за 0,1 процент во периодот од првите 9 месеци од годинава споредено со истиот период лани. Производството на облека во септември е намалено за 30,1 проценти во однос на просекот од 2021 година, а производството на текстил е зголемено за 8,8 проценти. Инаку, производството на облека зазема 6,33 проценти од вкупното производство на преработувачката индустрија, додека производствот на текстил зафаќа 4,84 проценти.
Во текстилната индустрија има најмногу 30.000 вработени. Пред 2010 година, таму имало околу 65.000 работници.