Поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, во денешната емисија „Вин Вин“ на Телма, рече дека државата не смее да им дели поволни кредити на компаниите и да ја субвенционира каматата од унгарскиот заем од 250 милиони евра, ако претходно некој од тие бизниси веќе добиле каква било форма на државна помош.
– Во Македонија е забрането двојното субвенционирање. Тоа треба да се пријави во Комисијата за заштита на конкуренцијата и да се провери. Ако каматата што деловните банки ќе им ја наметнат на компаниите што ќе аплицираат биде 5,25 отсто и при тоа државата од тоа субвенционира 2,25 отсто, тоа по мои пресметки би било 8 милиони евра пари годишно од државниот буџет. Ако кредитите се 15-годишни, за 15 години тоа би било 120 милиони евра, рече Бектеши.
Функционерот на ДУИ се сомнева дека стопанството има потреба од дури 250 милиони евра од унгарскиот кредит за модернизација и опремување, во ситуација, како што рече, кога домашните банки работат со голема ликвидност.
Коментирајќи го предлог-буџетот за догодина, Бектеши рече дека има помалку пари за конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на четирите автопатски делници од законскиот договор.
„Има помалку пари предвидени за Коридорот 8 и Коридорот 10Д. Која е причината, треба да објаснат. Дали немаат доволно капацитетити за решавање на спорови и експропријација за да отворат терен на „Бехтел и Енка“ или слично“, вели тој.
Бектеши додаде дека за три до четири пати се зголемени ставките во Буџетот за 2025 за купување службени возила, а за 7-8 пати за купување мебел.
„Договорните услуги се зголемени за над 13 отсто, парите се зголемени и за привремени вработувања. Што значи тоа? Дека сакаат да го одолговлечат Законот за еднаква етничка застапеност, за да ги направат тие вработувања по партиски клуч?“, прашува Бектеши.