Продавниците во Русија мораат да заклучат некои полици со производи поради зголемен страв од кражба, што е резултат на огромната инфлација што влијае на економијата на земјата, пишува CNN.

На социјалните мрежи се споделуваат фотографии и видеа од кражби, а цените на одредени работи како путер, кромид и месо во последниот период скокнале за 25 отсто.

Инфлацијата, според последните економски параметри, во Русија изнесува дури 10 отсто, што е многу повисока од предвидувањата на централната банка на оваа земја.

Инфлацијата е поттикната од брзиот пораст на платите бидејќи Кремљ инвестира милијарди во воената индустрија и испраќа милион луѓе да се борат во Украина.

Во екот на воена состојба, компаниите надвор од одбранбениот сектор не можат да се натпреваруваат за работна сила без да плаќаат многу повисоки плати. Ова пак доведува до зголемување на цените.

„Цените растат поради војната. Побарувачката во економијата е искривена во корист на непродуктивното трошење. Платите растат затоа што работодавците мора да се натпреваруваат за работна сила“, рече Александра Прокопенко од Центарот за Евроазија „Карнеги Русија“ во Берлин.

Во обид да ја спречи инфлацијата, централната банка ја зголеми основната каматна стапка на рекордни 21 процент во октомври.

Сепак, влијателна група руски економисти оваа недела на Telegram изјави дека „зголемените инфлациски притисоци не само што ќе продолжат, туку може дури и да растат“.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно овој месец изјави дека руската економија има недостиг од речиси милион нови работници поради стапката на невработеност од само 2,4 отсто, или како што рече, „практично нема невработеност“.

Путин го опиша недостатокот на работна сила во Русија како „една од главните пречки за нашиот економски раст“.