На денешната (18 ноември) заедничка седница на двете влади во Приштина, косовскиот премиер Албин Курти и неговиот македонски колега Христијан Мицкоски ја пофалија соработката и односите меѓу двете земји. Курти рече дека Косово и Северна Македонија досега имаат потпишано 50 договори, но „она што треба да се направи сега е имплементација на договорите“.

Тој најави дека Косово и Северна Македонија ќе потпишат два меморандуми и протокол во областа на енергетиката, образованието и олеснувањето на слободното движење, кои ќе се применуваат од јануари 2025 година.

„Добрите односи меѓу нашите две земји се рефлектираат и во континуираниот пораст на трговската размена, која во 2023 година достигна 432 милиони евра, што е извонреден пораст од 52 отсто, во однос на 2019 година, каде што изнесуваше 284 милиони евра“, рече Курти.

Тој рече дека има зголемување на извозот од Косово во Северна Македонија, од 48 милиони во 2019 година на 121 милион во 2023 година.

„Во Северна Македонија гледаме пријателска земја, со која нè поврзува не само географијата, туку и заедничките вредности и нашиот народ. Албанците од Северна Македонија треба да ги гледаме како додадена вредност, како мостови на поблиска и посилна соработка меѓу нашите земји“, нагласи Курти.

Македонскиот премиер Мицкоски рече дека двете земји имаат заеднички пазар од 17-18 милиони евра и додаде дека на билатералната средба со Курти се договорил оваа соработка да се зголеми на околу 500 милиони евра.

„Ако работиме заедно ќе бидеме посилни, бидејќи единството ги прави соседите уште посилни. Имаме намера комерцијалната соработка да биде уште поголема во наредните години и да ни донесе придобивки. Убеден сум дека ќе успееме“, рече Мицкоски.

Заедничката средба на двете влади доаѓа по посетата на Курти и неговите министри во Скопје летово, неколку месеци по формирањето на владата на Мицкоски.