Наместо нова заедничка средба, министерството за финансии ќе ги вика на поединечни состаноци секоја од банките за да ги убеди да се откажат од дел од огромните провизии и трошоци со цел бизнисот да добие што поевтини кредити. Овојпат, министерството за финансии ќе има поединчени средби со секоја од банките. Владата работи на две сценарија, најави премиерот Мицкоски, но не сакаше да открие кои се тие и на кој начин ќе се убедуваат банките да попуштат во интерес на стопанството. На посебна средба министерството за финансии ќе се консултира и со Народната Банка. Целта е, вели Мицкоски, компаниите да добијат рекордно најниски камати за кредитите кои ќе ги земат за нови инвестиции.

„Анализираме две сценарија. Во текот на оваа недела ќе има Министерството за финансии поединечни средби со дел од банкарите, вклучително и Централната банка, гувернерката. Очекувам крајот на оваа и почетокот на следната недела веќе да излеземе со конечна позиција и да тргне оваа работа. Инаку, да се трудиме компаниите да добијат еднакви, историски најнински услови што во овој момент може да се најдат каде било во светот – рече премиерот Мицкоски на новинарско прашање кога ќе биде средбата со банкарите оваа недела и дали Владата размислува да ги покрие трошоците за каматите за кредитниот ризик за банките за да добијат фирмите поволни кредити“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.

Конечен епилог од преговорите меѓу банките и Владата треба да има до крајот на неделава или почетокот на следната. На средбата пред два дена, падна договор да се намали рочноста на кредитите под 12 години и грејс периодот под 3 години, но банкарите одбија да се откажат од дел од трошоците. Премиерот во повеќе наврати апелираше до нив да бидат општествено одговорни, односно да преземат барем дел од кредитниот ризик. Очекувањата на премиерот беа дека фирмите ќе ги добијат кредитите со стапка од 3,25%, истата по која државата ќе го враќа заемот од Унгарија, со тоа што деловните банки ќе ја субвенционираат разликата од 3,25% камата до реалната висина на нивните вкупни трошоци. Владата веќе попушти и се согласи на намалување на рочноста на кредитите на барање на банките. Бизнисот пак час поскоро чека на евтините пари за поддршка на стопанството. Од Сојузот на стопански комори велат дека каматата е поволна и немало да биде првпат владата да субвенционира дел од банкарските трошоци со народни пари.

На последниот состанок сите банки рекле дека сакаат да се вклучат во проектот, но само една банка била подготвена да субвенционира дел од трошоците за каматата на кредитите. Инаку банките рушат рекорди со историски највисоки профити последниве годни. Повеќе од 160 милиони евра изнесува заедничкиот профит на трите најголеми банки во земјава и тоа за само 9 месеци. Добивките на најголемите банки се зголемени за 45%, 12,54%, односно за 11,6 отсто.