Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ од Битола ја платила својата обврска кон градежната фирма „Бетон“ од Штип“ и поради тоа нема потреба од отворање стечајна постапка, соопшти попладнево компанијата.

„Во врска со објавената информација за предлог поведување на стечајна постапка врз најголемиот земјоделски комбинат во земјава ЗК ‘Пелагонија’ – Битола, сакаме да ја информираме јавноста дека ЗК ‘Пелагонија’ ја плати својата обврска кон ‘Бетон’ Штип, со што е отстранета причината за поведување на стечајна постапка.

Комбинатот продолжува со своето редовно работење и финализирање на есенската сеидба. Во моментов се посеани 6.500 хектари есенски култури, што во услови на незапаметена суша во последните  години е голем успех за сите вработени и за комбинатот, кој и покрај ниските приноси и финансиски приходи од пролетните култури, успешно ќе ја заврши  сеидбата на пченица.

Сакаме да информираме дека последниве три години се соочуваме со голема суша, намалени приноси како резултат на климатските промени и екстремно ниски цени на земјоделските производи што нѐ доведоа во ситуација да се соочиме со намалена ликвидност. Очекуваме дека во нареден период ќе се зголеми свеста во Македонија за важноста на нашата дејност, производството на храна и дека и државата и банките ќе имаа посериозен пристап за помош и развој на оваа важна стопанска гранка“, вели во своето соопштение компанијата.

Според информациите пред Основниот суд Битола на 14 ноември бил поднесен предлог за отворање на стечајна постапка на предлог на доверителот „Бетон“Штип, по кој е поведена постапка.

Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ четири месеци не можел да ги исплати своите обврски и бил со блокирана сметка што било причина за отворање на стечај.

„Бетон“ Штип како застапник потврдил дека акционерското друштво навремено не му го исплаќала на рати уделот на ЗИК „Пелагонија“ отстапен од градежната компанија „Саник инженеринг“. Станува збор за долг од околу 230.000 евра како налог за извршување.

Сопственик на „Бетон“ Штип во моментов е „Орка холдинг“.

„Орка холдинг“ е најголем акционер со 22,69 отсто од акциите на Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“. Втор по големина акционерво ЗК Пелагонија Битола е Златко Пирузе, кој има во своја сопственост 17,55 проценти, а по него следува Цветан Панделевски, кој располага со 14,59 отсто од акциите.