Фирмите кои ќе аплицираат кај комерцијалните банки за кредити од унгарските 250 милиони евра очекуваат пониска годишна камата од 3,25 отсто, колку што изнесува каматата за заемот од Унгарија. Токму во моментов за ова се водат разговорите меѓу банките и владата и според информациите на ТВ21 на маса се разгледува оваа камата да биде околу 2,7% на годишно ниво. Од Сојузот на стопански комори на Македонија очекуваат ниска камата, за да може што поголем број на фирми да аплицираат за овие инвестициски кредити.

„Два проценти е прифатлива камата во овој момент и мислам дека тука нема дискусија. Рочноста од 15 години исто така е прифатлива и генерално ние сметаме дека домашните компании заслужуваат поддршка. Тоа не е инвестирање директно во сопствениците на тие компании. Со давањето на овој кредити тие компании ќе инвестираат во објекти, во опрема, ќе вработат во нови луѓе, целосно економската клима во државава ќе се подобри.“, вели Трајан Англоски, претседател на ССК.

Ако се пласираат сите 250 милиони евра со 2,7 отсто камата и 15 години отплата, компаниите освен што би ја вратиле главнината, би платиле и нешто над 101 милион евра на име камата.

Оваа камата, овие 101 милиони евра ги задржуваат комерцијалните банки на име кредитен ризик и провизии и нема да бидат субвенционирани од државата, од буџетот, односно од граѓаните и компаниите ќе мора самите да си ги платат.

Државата како и во сите досегашни случаи кога се пласирале пари преку Развојната банка, ќе ја покрие каматата од 3,25 отсто на ратите што ќе ги враќа кон Унгарија. Ова значи дека нема да има дупла субвенција.

Од Министерството за финансии велат дека за овие 250 милиони евра може да конкурираат само домашни фирми.

„Средствата се наменети за домашните компании, не за странските коишто работат во Технолошко индустриските развојни зони.“, велат од Министерството за финансии.

Досега владата и банките се договорија рокот на отплата да биде со грејс период до три и рок на отплата до 12 години. Иако нема законски ограничувања овие инвестициони кредити да бидат и на подолг рок, сепак банките поради своите интерни протоколи со кои се штитат од лоши пласмани, за инвестирање во машини даваат кредити до 10 години. Исклучок е само ако се инвестира во фабричка хала и тука рочноста може да биде подолга.