На европските берзи во претпладневното тргување во петокот индексите пораснаа втор ден по ред, што најмногу се должи на корекцијата на цените на акциите по четири дена пад.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек порасна за 0,6 отсто, откако вчера порасна за 0,5 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,69 отсто, на 8.205 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,57 отсто, на 19.255 поени, а париски CAC за 0,61 отсто, на 7.257 поени.

Индексите пораснаа, иако економските вести не се многу охрабрувачки.

Така, утринава беше објавено дека бруто домашниот производ на Германија во изминатиот квартал пораснал за само 0,1 отсто на квартална основа, што е помалку од првата проценка од 0,2 отсто.

Исто така, беше објавено дека во Велика Британија продажбата на мало паднала за 0,7 отсто на месечна основа во октомври, додека аналитичарите очекуваа пад од 0,3 отсто.

Цените на акциите пораснаа и на повеќето азиски берзи. Претпладнев на токиската берза индексот Nikkei порасна за 0,7 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,8 и 0,9 отсто. Во Шангај и Хонгконг, пак, паднаа меѓу 1,9 и 3,1 отсто.

Кинеските берзи се под притисок поради стравувањата на инвеститорите дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ги зголеми царините за увоз на кинески производи.

Покрај тоа, серија неодамнешни податоци покажуваат дека кинеската економија продолжува да расте со бавно темпо, па инвеститорите стравуваат дека неодамна воведените стимулативни мерки нема да го поддржат растот колку што првично се очекуваше.

Останатите берзи во регионот го следат вчерашниот раст на Волстрит, кога индексот Dow Jones зајакна за повеќе од 1, а S&P 500 за околу 0,5 отсто.