Почна раниот или предвремен откуп на тутунот од годинашнава реколта со барање за повисоки цени. И со отворени откупни ваги, тутунарите се воздржани да го носат родот, очекувајќи каква цена ќе биде постигната.

Од Националната земјоделска мрежа посочуваат дека засега има предадено тутун во мали количини во Источна Македонија, оценет во прва класа по цена од 375 ден. за кг, која според тутунопроизводителите е прениска и велат дека остануваат на барањето просечната цена да не биде пониска од 600 денари за килограм.

Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски, пак во гостување во емисија на ТВ 24 истакна дека годинава тутунот ќе има одличен квалитет и според него откупна цена од 600 денари е нереална.

Ќе продолжи ли бојкотот и до кога ќе тактизираат тутунарите, но и откупувачите, сепак останува да видиме.

Инаку, според првичните проценки годинава родот е со добар квалитет и ќе тежи околу 15 илјади тони тутун, а според Законскиот рок, откупот може да почне најдоцна на 15 декември.