Џејми Димон предвидува дека вештачката интелигенција (AI) ќе ја скрати работната недела на 3,5 дена, додека животниот век на вработените би можел да се продолжи до 100 години, но предупредува на потенцијалните ризици.

Генералниот директор на JPMorgan, Џејми Димон, ги отфрла катастрофалните прогнози за влијанието на вештачката интелигенција врз човештвото, истакнувајќи дека оваа технологија значително ќе го подобри бизнисот и рамнотежата меѓу работата и приватниот живот на вработените.

Димон, познат по промовирањето на традиционалните деловни норми, како што се напорната работа и подготвеноста за сите предизвици, сега предвидува дека идните генерации би можеле да работат ден и половина помалку секоја недела благодарение на AI. Дополнително, очекува дека во иднина вработените би можеле да достигнат просечен животен век од 100 години.

Во интервју за Bloomberg TV, Димон изјави дека илјадници вработени во JPMorgan веќе користат AI технологии, додавајќи дека AI е „жив организам“ кој ќе се развива низ историјата. JPMorgan планира да ја користи вештачката интелигенција за широк спектар на задачи, вклучувајќи откривање грешки, тргување, истражување и хеџинг, што поттикнува стравувања дека AI би можел да ги замени човечките работни места.

AI презема задачи, но отвора нови можности

Goldman Sachs предвидува дека оваа технологија би можела да замени околу 300 милиони работни места низ целиот свет, додека една четвртина од американските работници стравуваат дека AI би можел да ги загрози нивните работни позиции. Дајмон, сепак, нагласува дека општествата низ историјата успешно ги надминуваат технолошките промени, истакнувајќи дека AI носи огромни можности за подобрување на животниот стандард.

„Вашите деца ќе живеат до 100 години и нема да заболуваат од рак благодарение на технологијата,“ вели Димон. „Нивната работна недела ќе трае три и пол дена.“

AI ги скратува работните часови и ја зголемува продуктивноста

Извештај од McKinsey минатата година покажа дека генеративната AI може да автоматизира 60–70% од задачите што моментално ги извршуваат вработените, додавајќи вредност на глобалната економија меѓу 2,6 и 4,4 трилиони долари годишно. Истражување во Велика Британија покажа дека четиридневната работна недела го намалува бројот на боледувања за 65%, додека 71% од вработените пријавиле пониски нивоа на стрес. Како резултат, 92% од компаниите што учествувале во програмата ја задржале тридневната викенд-пракса.

Дајмон предупреди дека AI може да биде моќно оружје во погрешни раце, посочувајќи на ризици како сајбер-војување. Како и други лидери, вклучувајќи ги Стив Вознијак и Бил Гејтс, Дајмон се залага за воведување регулаторни ограничувања за контрола на технологијата.

Тој призна дека AI ќе предизвика нарушувања во животите на вработените чии улоги ќе бидат заменети со технологија. JPMorgan планира да им понуди нови позиции на таквите работници, пишува Fortune.