Дали 2024 година ќе биде запишана во финансиската историја на државата како година во која Македонците истргувале повеќе пари на странски берзи отколку на домашната? Прометот со хартии од вредност на странските пазари на капитал опасно се приближува до прометот на Македонската берза, а можеби веќе го има и надминато ако се додадат тргувањата во странство без домашни брокери.

Податоците на Комисијата за хартии од вредност, врз кои се заснова анализата на Пари, покажуваат дека во првите десет месеци од 2024 година на странските пазари се истргувани хартии од вредност во рекорден износ од 89 милиони евра. Ова се официјалните бројки за тргување во странство што ги регистрира КХВ врз основа на податоците од овластените посредници, четири банки ‒ Шпаркасе банкаКомерцијална банкаНЛБ банкаСтопанска банка – Скопје и брокерската куќа Инвестброкер.

Но, самите брокери укажуваат дека вкупниот промет, кој ги вклучува тргувањата на граѓаните без брокерски посредници, веројатно е двојно поголем, така што излегува дека вкупните тргувања во странство се 170-180 милиони евра.

Во истиот период вкупниот промет од тргување со акции и обврзници на Македонската берза изнесуваше 278 милиони евра. Но, овој износ треба да се подели со два затоа што е пресметан врз основа на двојно евидентирање (и при купување и при продавање), така што излегува дека прометот на домашната берза е 139 милиони евра.

Македонските граѓани оваа година буквално се надминале себеси со тргување на странските берзи. ,Во сите претходни години, откако се дозволи купување хартии од вредност во странство, износите се многу помали.

Граѓаните од земјава преку брокерските куќи во 2023 година истргувале хартии од вредност на странските берзи во вкупен износ од 47 милиони евра, во 2022 година овој промет изнесувал 63 милиони евра, а во 2021 година 65 милиони евра. И 2020 година е на слично ниво, со 56 милиони евра, додека во 2019 година, како почетна година за овој вид инвестициска активност на граѓаните, бил остварен промет од скромни 10 милиони евра.

Ако се анализира по месеци, септември оваа година е убедливо рекорден месец со истргувани хартии од вредност во вкупен износ од 12,5 милиони евра. Му конкурираат мај и јули со нешто помали износи. Во 2023 година, македонските граѓани биле најактивни на странските берзи во јуни и во октомври, а во 2022 година во март и во април. Рекорден месец во 2021 година е ноември.

Од овие бројки излегува дека за речиси шест години, Македонците свртеле на странските берзи 330 милиони евра преку брокерските куќи и веројатно уште толку сами преку меѓународните берзански платформи.

Луксузот да купуваат и продаваат странски хартии од вредност за македонските граѓани стана достапен во февруари 2019 година, кога Македонија влезе во втората фаза од стабилизацијата и асоцијацијата со Европската унија. Тоа донесе новини со Законот за девизно работење, кој дозволи граѓаните да купуваат акции и недвижности надвор од земјава.

Иако надлежните институции, а особено НБРМ, често ги предупредува граѓаните дека мора да бидат свесни за своите одлуки за инвестирање и да бидат внимателни, сепак, се чини дека тие се доста храбри и сакаат финансиски предизвици. Притоа, во странство најмногу тргуваат со акции, а помалку со обврзници.

 

Целата анализа на следниот линк: https://pari.com.mk/kakov-rekord-soborija-makedonskite-gragani/