Недостигот од квалификувана работна сила и нивото на образование и обука како и корупцијата и непредвидливото бизнис-опкружување беа препознаени како главни пречки во водењето бизнис

На скала од 1 до 10, холандските компании што учествуваа во анкета, ја оценија бизнис-климата во државата со 5,7, што е за 6 отсто подобар резултат споредено со резултатите од последната анкета спроведена во 2022 година.

Амбасадорката Узлем Џанел ги претстави резултатите од анкетата спроведена меѓу холандските компании во 2024 година на настан на кој присуствуваа претставници од
владините институции, економските комори, холандскиот бизнис-сектор и бизнис-асоцијациите.

– Како клучни фактори што може да влијаат врз проширување на бизнисот во земјата се ниските оперативни трошоци, владината поддршка, растечката побарувачка за нивните производи како и леснотијата на водењето бизнис. Од друга страна, недостигот од квалификувана работна сила и нивото на образование и обука како и корупцијата и непредвидливото бизнис опкружување беа идентификувани како главни пречки во водењето бизнис. Испитаниците сметаат дека достапноста на дигитални јавни услуги е многу важна за ефикасно работење и намалување на трошоците – така сметаат 75 отсто од испитаниците – потенцираше амбасадорката Узлем Џанел.

Таа рече дека речиси сите холандски компании што работат во земјава се активни на полето на корпоративно општествената одговорност, со главен фокус на заштита на животната
средина, безбедност при работата и политики за добросостојба на вработените.

Резултатите од анкетата беа претставени на настан со кој се одбележа Денот на холандскиот претприемач. Во своето обраќање, амбасадорката Џанел ја нагласи
важноста на претприемачите како суштинска движечка сила за иновации, напредок и општествени промени.

– Денес го славиме претприемачкиот дух, кој е многу повеќе од отворање еден бизнис. Претприемништвото подразбира и издржливост, визија и храброст, кои водат кон нови можности и раст – рече таа.