Кои банки ќе бидат вклучени во владиниот проект за унгарскиот кредит – се уште не се знае. Од Македонската банкарска асоцијација велат  дека конечните информиции ќе ги имаат кога Управниот или Надзорниот одбор на секоја банка  ќе ги разгледа  и одобри условите за соработка, по што ќе се потпише договор со Развојната банка, која очекуваат дека ќе биде агент за оваа конкретна кредитна линија.

Инаку, според нивни неофицијални информации, најголем број банки прифатиле да се вклучат во кредитната линија, вредна 250 милиони евра. Поддршката  која е наменета за стимулирање на производствени и развојни проекти, е од големо значење за економскиот развој и унапредување на бизнис секторот, велат од МБА.

Од Владата пак, најавуваат дека до крајот на неделата се ќе се знае.

-Во овој момент можам да соопштам до јавноста дека до крајот на оваа недела ќе се финализираат целокупните процедури и веднаш по завршување на истите јавноста ќе биде информирана., изјави Марија Митева, портпарол на влада.

Бизнисот вчера изјави дека со нетпение ги чека евтините кредити. Условите им се прифатливи, а каматата ниска.

Владата и дел од банките постигнаа договор каматата за компаниите да биде 1,95%, рокот на отплата  до 15 години, со 3 години грејс период, а максималниот износ на кредитот е 10 милиони евра, каде 20% е учество на кредитобарателот.