Она што е јасно во моментот е дека со законското усогласување во март, минималната плата ќе скокне за околу 8 проценти, односно, работниците ќе добијат зголемување кое ќе се движи меѓу 1.600 и 1.800 денари, потврди Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, би сакал минималната плата да биде и 600 евра, но мора прво да се провери дали тоа Буџетот може да го издржи, а и да се види „расположението“ на газдите. Тој вели дека има политичка волја за да се достигне барањето на ССМ за минималец од 450 евра и за тоа ќе се дискутира на наредната седница на Економско-социјалниот совет, предвидена за почетокот на декември. Но, она што е јасно во моментот е дека со законското усогласување во март, минималната плата ќе скокне за околу 8 проценти, односно, работниците ќе добијат зголемување кое ќе се движи меѓу 1.600 и 1.800 денари, потврди Слободан Трендафилов, претседател на ССМ. Синдикатот со душа ја чека седницата на Советот, за да ги презентира нивните аргументи дека минималецот треба да биде најмалку 450 евра, иако и таа сума според Трендафилов е веќе „стара вест“.
-Во Буџетот за 2025 година веќе е предвидена сумата за законското зголемување на минималецот во март. Би сакал наместо бараните 450 евра, да им дадеме на работниците и 600 евра, но мора да ги усогласиме ставовите со работодавачите и Синдикатот. Законското усогласување предвидено за март ќе донесе зголемување на најниската плата за околу 2.000 денари. Ќе разговараме, ќе видиме до каде може да ја „растегнеме чергата“ – објасни Дурмиши.
Првиот синдикалец смета дека нивните аргументи за зголемување на минималецот на 450 евра се реални и издржани.
-Ќе се убедуваме на Економско-социјалниот совет. Работодавачите кои со години ги држат работници на најниското ниво, треба да сфатат дека нивниот најголем пораз е заминувањето на наште сограѓани, кои наместо дома, ја градат својата иднина во туѓина. Многу се измамија ако мислеа дека со увоз на странска сила ќе го надоместат се попразниот бунар на работна сила во Македонија. Напротив, земјава се претвори во најголема туристичка агенција за странците, кои преку нас си го бараат чарето во странство. Уште на лани на Првомајскиот протест побаравме минималецот да биде 450 евра, тоа не се случи досега и сумата е веќе недоволна, а регионот не надмина во тој поглед. Баравме и враќање на правото за превоз и храна за работниците, но наидовме на ѕид. Сега се фалат дека на странските работници им го обезбедиле тоа, е па затоа нека не се чудат што од земјава си заминаа дури 12.500 градежни работници- поентираше Трендафилов.