Во Македонија, оваа година сите вработени и во јавниот и во приватниот сектор, ќе добијат регрес за годишен одмор, попознат како К-15. Вработените во администрацијата ќе добијат по најмалку 11.000 денари, додека за приватниот сектор, износот ќе биде околу 16.800 денари, што е 40% од просечната плата исплатена во последните три месеци.

Исплатата на К-15 треба да се заврши до крајот на годината, иако законски може да почне да се извршува од мај. Услов за исплата на регресот е работникот да работи најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавец. Регрес им следува и на оние работници што ја смениле работата, ако претходно непрекинато работеле половина година во иста компанија.

За работодавците што нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, Законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.