Не стивнуваат реакциите во јавноста, откако Фискалниот совет до Собранието достави Мислење со кое бара во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија.

Препораката е, старосната граница за остварување на право за пензија на мажи и жени да се помести на 67 години во земјава.

Како што коментираат голем дел од граѓаните, одење во пензија на 67 години, ако тоа го доживеат идните пензионери, всушност би значело да се преживеат околу четири- пет пензионерски години, со оглед на тоа што Македонците во просек живеат по 73,2 години.

Имено, според последните податоци од Еуростат, објавени во 2021 година, Македонците во просек живеат 73,2 години. Животниот век на жените е 75,5, а на мажите 71,1 година.
Во 2021 е забележан пад на очекуваниот животен век во земјава за три години и пет месеци во споредба со 2018 кога изнесувал 76,7 години.

Според Еуростат, очекуваниот животен век на жителите на ЕУ е 80,6 години, а регион со најдолг животен век е Мадрид, Шпанија, со просек од 85,2 години, потоа Тренто во Италија со 84,4, Ил во Франција 84,1 и Стокхолм во Шведска со 84,0 години. Македонците, во споредба со овие народи, просечно живеат и по десетина години помалку.

Токму поради просечниот животен век, бурни се и реакциите околу мислењето да се оди подоцна во пензија. Како што коментираат мноштво граѓани, тоа би значело дека треба да се работи се додека се има и последниот атом на енергија, а кога човек веќе комплетно ќе се истроши, да може да ја добие заслужената пензија од државата на која и служел и да се надева дека ќе поживее уште некоја година.

– Едвај одев на работа и до мојата 62-ра година, кога заминав во пензија. Бев вработена како наставничка, а последните години, кога училиштето доби компјутери, навистина се изнамачив. На тие години, тешко се учат нови вештини, учениците имаа поголемо познавање од компјутерите и од програмите од мене, како наставничка.
Наместо да им се отстапи простор на младите генерации, ние очигледно ќе ги форсираме старите лица, кои во тие години секако дека имаат проблеми и со вид, и со моторика, плус низа на пропратни болести кои со стареењето само уште повеќе се влошуваат…
Дали некој навлезен во седмата деценија може да понуди добар квалитет на услуга, има ли енергија и волја за тоа?
И кога всушност работникот кој со децении и служел на државата, ќе има право на одмор и мирен, достоинствен живот? Да не ја спомнуваме висината на нашите пензии, оти тоа е пак друга приказна, за многу пензионери позната како крпен живот, вели нашата соговорничка.

И помладите генерации го делат ставот дека одење во пензија на 67 години е неприфатливо и потребни се реформи во пензискиот систем.

– Префорсирање до 67 години, а потоа, ако доживееш, пензијата да си ја трошиш на лекови, оти кај нас здрав пензионер речиси и да нема. Секој први во месецот им ги гледаме измачените ликови на пензионерите како чекаат пред банките да подигнат пензија, оти таа од претходниот месец набрзина им ,,летнала”, а од банка, пак ги гледаме во редици пред аптека.
Лош животен стандард носи лош квалитет на живот, затоа и нашите пензионери во споредба со оние, од развиените земји, изгледаат така напатено, предвреме остарено. И како тоа да не е доволно, па сега и овие најави за пензионирање на 67 години ни фалат, реагираат граѓаните.

Фискалниот совет пак, смета дека буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е голема, а линеарните зголемувања од 2.500 денари ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив.

– Имајќи го предвид значителното намалување на невработеноста, недостатокот од квалификувана и професионална работна сила, Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти, пишува во Мислењето на Фискалниот совет.