Според ОЕЦД, економијата на Германија ќе расте побавно во 2025 година отколку во која било друга развиена земја. Експертите гледаат цела мешавина на проблеми што ги оптоваруваат компаниите.

Според прогнозата на Организацијата за економска соработка и развој, ОЕЦД, економијата во Германија ќе расте побавно во наредната година отколку во која било друга развиена економска земја. Бруто домашниот производ се очекува да се зголеми за само 0,7 отсто, според економските изгледи објавени денеска. Во мај сè уште се очекуваше зголемување од 1,1 отсто „Во 2025 година Германија ќе биде на дното на земјите од ОЕЦД“, вели Изабел Коске, експерт во Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД) со седиште во Париз, во која припаѓаат вкупно 38 земји со силна индустрија. За споредба: економијата во Еврозоната како целина се очекува да порасне 1,3 отсто, речиси двојно повеќе, а САД со 2,4 отсто се очекува да имаат повеќе од трипати побрз раст. Германија, како најголемата европска економија, веројатно само ќе стагнира во оваа година која се ближи на крајот, објаснуваат од ОЕЦД. Само Австрија, Естонија, Летонија, Финска и Ирска се очекува да имаат уште полоши резултати во 2024 година. Посилен раст од 1,2 отсто се очекува дури во 2026 година.

Слабо производство, рестриктивна фискална политика

Бројни германски економски експерти, исто така, неодамна ја ревидираа надолу својата прогноза за домашната економија. Таканаречените „економски мудреци“ предвидуваат само мини-раст од 0,4 проценти за следната година. ОЕЦД смета дека слабото производство е главната причина за постојаниот пад во Германија. „Ова особено се должи на слабата извозна побарувачка од Кина, која особено ја погодува германската индустрија“, вели експертот на ОЕЦД, Роберт Грундке. Германија има посилни трговски врски со кинеската економија од сите други големи индустриски земји. „Конкуренцијата од кинеските производи им предизвикува проблеми на  германските производители, особено на автомобилската индустрија, на другите продажни пазари“, истакнува Грундке.

И производството во енергетско интензивните индустрии, исто така, е сè уште далеку под нивото пред руската агресивна војна врз Украина. Оваа оценка денеска беше потврдена и со актуелното истражување за деловната клима на германската комора за надворешни трговија (АХК), според кое  германските компании  во однос на бизнисот во Кина се попесимистички од кога било досега во блиска иднина. Според истражувањето, само нешто помалку од една третина од анкетираните компании очекуваат позитивни движења во нивната индустрија во наредната година – историски минимум.

„Друга причина за релативно слабиот раст во Германија е порестриктивната фискална политика во споредба со другите земји во Еврозоната“, вели експертот на ОЕЦД, Коске. Враќањето на должничката кочница и пресудата на Сојузниот уставен суд, кој ја ограничи употребата на специјални средства за финансирање на трошоците, доведе до нагло намалување на јавната потрошувачка во 2024 година. „Ова го забави растот, но имаше и одлучувачки придонес за тоа што инфлацијата неодамна драстично опадна.” Поради  распадот на владата,  сè уште нема буџет за 2025 година, што придонесува за неизвесност за компаниите и домаќинствата. ОЕЦД ги советува политичарите да обезбедат сигурност на планирањето во постигнувањето на климатските цели. „Да се ​​доведуваат во прашање одлуките што се веќе донесени, на пример на патот кон електромобилноста, создава голема неизвесност и ги попречува инвестициите“, објасни Грундке.

Реформа на должничката кочница

Шефот на Бундесбанка, Јоаким Нагел, се заложи за реформа на должничката кочница. Поголема фискална слобода, на пример за повисоки трошоци за одбрана и модернизација на инфраструктурата, би бил „многу паметен пристап“, изјави Нагел за „Фајненшл тајмс”. Може да се размисли околу разликата помеѓу владините трошења и инвестициите „со цел да се има поголем простор за структурни инвестиции.”

Растот би можел да биде уште послаб доколку новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп воведе сеопфатни царини како што најави, предупреди централниот банкар. „Доколку на сегашните прогнози се додадат уште поголеми царини, економијата во целина би можела да стагнира уште подолго“, смета членот на Советот на Европската централна банка (ЕЦБ). „Минатото покажа дека Германија се менува кога чувствува болка“, истакна Нагел.