Пратениците во Собранието, кои се едни од највисокоплатените јавни функции во Македонија со плата од 2.000 евра, на работа одат сè поретко и на дневна основа во многу мал број, т.е. само ако се членови на некоја од комисиите кои се состанале дента. Пленарни седници речиси и да нема.

За овој месец, претседателот на Собранието Африм Гаши има закажано само една собраниска седница, на 10 декември, кога треба да се донесе Буџетот за 2025 година.

Во ноември се одржале само две пленарни седници и една за пратенички прашања. Истата бројка, односно сооднос, била и во октомври.

Во 2023 и во 2022 година, под водство на Талат Џафери и со друго парламентарно мнозинство имало по 39  пленарни седници годишно.

Уште во експозето за нова влада премиерот Христијан Мицкоски на Парламентот му најави жестоко темпо работа, но тоа засега не се ефектуира преку менување на постоечките закони и носење нови закони.

Јавноста досега немаше можност да го запознае убаво новиот парламентарен состав, бидејќи пратениците немаат здрава дискусија, не расправаат воопшто за актуелни важни теми, а за нови проекти воопшто.