Девизни резерви со кои располага државата изнесуваат 4.920 милиони евра, според состојбата забележана на крајот од ноември. За еден месец има намалување од 55,6 милиони евра во споредба со последниот ден од октомври кога изнесуваа 4.975,6 милиони евра.

Како што објавува порталот „Пари“ сепак ова е втор месец со износ што се доближува до прагот од пет милијарди евра. Причината е заемот од Унгарија. Нивото на девизните резерви го кренаа 500-те милиони евра од унгарскиот кредит, кои сѐ уште не се распределени за користење меѓу бизнисите и општините. За потсетување, во септември централната банка информираше за 4,4 милијарди евра.

Најголем дел од девизните резерви, според последната информација од Народната банка, се пласирани во хартии од вредност – 68,2 проценти, 20,4 отсто во валути и депозити, а 11,4 проценти се чуваат во монетарно злато.