Предлог на одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт која Владата ја усвоила на 3 декември,помина на Комисијата за финансирање и буџет.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски посочи дека се пренаменети 150 милиони евра. Според предлог-одлуката, заедничко за ставките каде што ќе се додаваат пари е тоа што станува збор за ставки за кои државата преземала обврски – за пензиски фонд, за земјоделски субвенции и за разни други обврски од кои, народски кажано, нема бегање.
– Ќе пренаменат 2,12 милијарди денари наменети за трансфери кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, 1,19 милијарди денари во рамките на Министерството за социјална политика, демографија и млади, 1,2 милијарди денари во рамките на Агенцијата за поддршка во земјоделството и руралниот развој, 1, 16 милијарди денари наменети за Фондот за здравствено осигурување, 873 милиони денари за МВР, 656 милиони денари во рамките на Владата наменети за финансиска поддршка на компаниите… – рече Јанкуловски.
„Целта на предложената Одлука е соодветна реалокација на средствата помеѓу буџетските корисници со цел финансирање на приоритетните потреби на буџетските корисници во функција на подобрена реализација на Буџетот за 2024 година“, пишува во Предлог-одлуката.