Премиерот Христијан Мицкоски во „Отворено студио“ на МРТ, на тема „Буџет 2025“, рече дека на денешната владина седница поминало ново задолжување од 500 милиони евра од Унгарија, кои ќе бидат наменети за раздолжување на еврообврзницата земена од минатата влада.

„Денеска, по долги и напорни преговори, на владина седница помина и вториот дел од унгарскиот кредит, вторите 500 милиони евра. Ние пред избори зборувавме за една милијарда, кога ги обезбедивме првите 500 милиони бевме обвинувани дека биле само 500, каде се другите, а ние викавме: бидете трпеливи, не сакаме уште отсега да ја истрошиме и оваа втора половина бидејќи ќе треба да плаќаме камата. Ќе ја затвориме оваа зделка кога ќе биде потребна, а тоа е сега, затоа што на 25 јануари истекува рочноста на еврообврзницата која е земена во 2018 година од претходната влада и потребни се 500 милиони евра да се врати таа еврообврзница“, рече Мицкоски.

Премиерот вели дека кога денеска би излегле со нашиот кредитен рејтинг и ако споредиме држави со многу подобар кредитен рејтинг, кои земаат еврообврзница со каматна стапка од 5%, тогаш ние не можеме да очекуваме еврообврзница пониска од 6%, а сега добиваме заем од 3,25%, што е за 2,75% поповолно.

„На 500 милиони евра кога сето ова ќе го ставите, рочноста од 15 години, тоа се заштеда од 200 милиони евра. Ќе се задолжиме за да се раздолжиме, односно идните влади и генерации ќе немаат еврообврзница да враќаат“, рече Мицкоски, без да наведе дека идните влади и генерации на ист начин ќе го враќаат и унгарскиот кредит.