Најбројни гости на охридското крајбрежје за новогодишните празници се очекува да бидат Бугарите, потоа Турците, но нема да изостанат ниту посетителите од околните земји, меѓу нив и Србите. Голема исполнетост се очекува и за католички Божиќ, кога традиционално најбројни се гостите од Грција, вели претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ Крсте Блажевски.
Околу 70 отсто од хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера се очекува да бидат исполнети за новогодишните празници. Некои хотели ќе работат само со ноќевање без организирани пречеци и таму исполнетоста можеби ќе е помала, за разлика од хотелите кои организираат пречек на новогодишната ноќ, каде исполнетоста е целосна, истакнува Блажевски.
Посочува дека интерес има и кај домашните гости, но тие, вели најчесто бараат ноќевања во хотелите, а одат на организиран пречек во ресторани.
Градот веќе блесна во новогодишниот празничен сјај, а плоштадот традиционално го краси новогодишната елка. За украсувањето на градот се користеа украси од минатите години, но одвоени беа и дополнителни 1 400 000 денари.
Од Општината најавуваат и богата програма како за возрасните, така и за најмладите, но и организиран дочек на Новата година на градскиот плоштад. Програмата ќе биде соопштена деновиве.