Светска банка предлага како да ни тргне со земјоделството
За подобрување на состојбата во земјоделството и за зголемување на приходите ќе треба да се напушти и поддршката за земјоделските култури со ниска вредност и да се дава поддршка на посевите со висока вредност.
Светска банка препорачува државата да се откаже од директните плаќања за поддршка на производството на тутун, а во однос на поефикасно субвенционирање на земјоделството ќе треба да утврди најнизок праг на големина на фармите кои ќе добиваат субвенции. За подобри ефекти од субвенционирањето Банката предлага да се премине на модел на поддршка на инвестиции во посевите со висока вредност со што значително би се придонело за подобар сектор и за поголеми приходи.
Во „Прегледот на јавните финансии на Северна Македонија: Обезбедување стабилност и поттикнување на отпорноста“ Светска банка препорачува и воведување нови технологии и во земјоделството со што ќе се зголеми производството и продуктивноста на секторот.
Според Банката, при реформата на субвенционирањето во земјоделството треба да се напуштат директните плаќања и да се користи европската практика на раздвоено плаќање.
„Во комбинација со усвојувањето на ЗЗП добри еколошки практики, ќе го олесни затворањето на многу мали, неефикасни фарми и промовирањето на поефикасни, поиновативни земјоделци. Ова е повторно мерка во согласност со стандардната практика во земјите-членки на ЕУ. Ќе ослободи пари за инвестиции“, наведуваат од банката
При транзицијата од еден во друг модел треба да се има предвид социјалната положба на населението и да се овозможи праведна транзиција и да не се заборават ранливите категории земјоделци.
Се предлага да им се овозможи на земјоделците сами да ги одбираат културите кои ќе ги произведуваат врз основа на пазарните услови.
„Бидејќи одлуките за производство би се засновале на конкурентна предност ќе се зголемат инвестициите во фармата и производството, земјоделците би ја пренасочиле употребата на земјиштето кон производство со висока вредност и јавната поддршка би имала поголем ефект врз подобрувањето на приходите, особено кај многу малите фарми“, се наведува во препораките.
За подобрување на состојбата во земјоделството и за зголемување на приходите ќе треба да се напушти и поддршката за земјоделските култури со ниска вредност и да се дава поддршка на посевите со висока вредност.
„Прераспределбата на поддршката за рурален развој кон капитални инвестиции, а особено кон широко усвојување на иновативни технологии, треба да стане врвна политика за приоритет. Поголема земјоделска продуктивност и повисоки приходи на фармите ќе произлезат од усвојување иновативни технологии и практики од македонските земјоделци, помагајќи им да се подигнат приносите, поефикасно да управуваат со инпутите, да се усвојат нови култури и системи за производство, и да го подобрат квалитетот на нивните производи“, се наведува во извештајот.
Од Светска банка потсетуваат дека не треба да се занемарат ниту климатските промени, бидејќи земјоделството е на удар, но и да се вложува во земјоделско-преработувачки сектор и да се поттикне тој повеќе да извезува.
Банката предлага да се подобри и пристапот на земјоделците до кредити кои ќе им помогнат во воведувањето на новите технологии. За зголемување на продуктивноста во земјоделското производство и за да се подобри квалитетот на производите се предлага воведување иновативни технологии и практики.