Од утре треба да почнат да важат цените од таканаречената „Новогодишна кошничка“ во која производите би требало да се со пониски цени од минимум 10 проценти.

Бројката на производи кои влегуваат во „Новогодишната кошничка“ се очекува да достигне до 1000, опфатени се околу 80 компании, но во неа не влегуваат маслото шеќерот, кафето и какаото за да не им се направеле големи штети на компаниите.

„Овие производи не ги ставивме во мерката зашто не сакавме да им наштетиме на компаниите кои зависат од домашниот пазар, но и од цените на суровините на светските берзи, кои во моментов се многу зголемени. Но, има и одговорни компании кои и на овие изземени производи дадоа одредени попусти, нагласува заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Тој ги повика граѓаните и синдикатите и тие со инспекторатот да вршат своевиден мониторинг на цените на производите и да ја пријават секоја неправилност.

„Ги повикувам граѓаните, синдикатите заедно со пазарниот инспекторат кој ќе биде постојано на терен, да следат и да се уверат дека производите во кошничката се намалени најмалку 10 проценти од најниската цена од претходниот месец пред да започне акцијата. Така што, не верувам дека има некои изигрувања, зашто компаниите и маркетите ја понудија оваа акција и не верувам дека самите ќе ја изиграат.

Во новогодината кошничка се опфатени месо и месни производи, млеко и млечни производи, алкохолни и безалкохолни пијалаци, риба, пекарски прооизводи, тестенини, кондиторски производи, овошје, зеленчук. Овие производи опфатени со мерката ќе се продаваат на преку 300 пунктови во сите градови во земјава.

Мерката ќе трае од 15 декември до 15 јануари.

Од друга страна најновите податоци од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) откриваат дека минималната синдикална кошница за ноември била зголемена за 772 денари во споредба со октомври 2024 година.

Поскапувања има на некои од производите што граѓаните секојдневно ги конзумираат:
• Доматите поскапеле за 40 денари,
• Краставиците за 20 денари,
• Оризот за 21 денар,
• Кравјото сирење за 16 денари,
• Јајцата за 10 денари.

Некои производи се намалени: овчото сирење за 46 денари, килограм портокали -35 денари, јаболката 10, спанаќот 18, а марулата за 6 денари помалку.

Со воведувањето на нови мерки, како празничните кошници, ќе биде на Владата да обезбеди краткорочно олеснување, но вистинскиот ефект повторно ќе зависи од доследноста во нивната примена и одговорноста на трговците.