Првиот човек на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски за „Република“ ја открива катастрофалната состојба во која се наоѓаат државните вили во Лазарополе и Охрид.
Тој вели дека во лоша состојба е премиерската во Св.Стефан и претседателската „Билјана“, додека онаа во Лазарополе буквално се распаѓа. Двете вили во Охрид немаат ниту имотен лист.
Вилите се во многу лоша состојба. Морам да кажам дека сите вили, освен таа во Лазарополе немаат имотен лист. Почнавме постапка за легализација за да можеме да ги легализираме.Тоа се објекти од А категорија и за да се легализираат мора да имаат имотен лист. Вилите во Охрид, претседателската и премиерска се во многу лоша состојба, а таа во Лазарополе е неупотреблива и е пред распаѓање. Ветивме дека сите овие вили ќе ги реновираме и ќе ги ставиме во употреба без разлика дали ќе се користат како владин објект или ќе ги рентаме и ќе наплаќаме закупнина. Како држава мора целиот државен имот да биде репрезентативен а не каков што сега – вели Томовски.