Глобалната огласувачка индустрија за прв пат оваа година ќе надмине 1 трилиони долари во приход, при што се очекува дека Google, Meta, ByteDance, Amazon и Alibaba ќе заработат повеќе од половина од вкупниот износ на пазарот доминиран од технолошкиот сектор – пренесува Фајненшал Тајмс.
Медиската агенција GroupM, дел од групацијата WPP, проценува дека глобалните приходи од огласување ќе пораснат за 9,5% во 2024 година, повеќе отколку што се очекуваше на средината на годината, и покрај тешките економски услови на некои од поголемите и развиени пазари како што се САД и Велика Британија.
Агенцијата прогнозира дека пазарот ќе порасне за дополнителни 7,7% во 2025 година и дека најголема корист од тоа ќе имаат големите продавачи на простор за дигитално огласување во американскиот технолошки сектор.
Се предвидува дека дигиталното огласување ќе сочинува 73% од вкупниот приход до крајот на следната година, што претставува раст од 12,4% на глобално ниво во 2024 година и 10% во 2025 година. Доколу се вклучат приходите од стриминг и дигитални весници и списанија, тогаш дигитално огласување ќе сочинува 82% од вкупните приходи.
Традиционалните огласувачки канали како што се телевизијата, печатени медиуми и радиото страдаат од доминацијата на дигиталните технологии.
На глобално ниво, вкупните приходи од печатеното огласување ќе се намалат за 4,5% во 2024 година и дополнителни 3% во 2025 година. Приходите од аудио содржини ќе останат на истото ниво и следната година, додека пак телевизијата, вклучувајќи ја линеарната и стриминг телевизијата, се предвидува да порасне за само 2,4% на сложена основа од 2024 до 2029 година.
САД продолжува да биде најголемиот пазар за огласување, кој се предвидува дека ќе генерира вкупни приходи од околу 379 милијарди долари во 2025 година. Во Кина, вкупните приходи од огласување се очекува да се зголемат за 13,5% во 2024 година на 204,5 милијарди долари. Во Обединетото Кралство, најголемиот пазар за огласување во Европа, овогодишниот раст се проценува на 8,3%, што ќе доведе до вкупни приходи од 53,2 милијарди долари во 2024 година.