Динамиката на експанзија на Унијата кон исток и ресурсите што доаѓаа во пакет со проширувањето, како и силната побарувачка за нејзините производи од Азија и од САД, очигледно веќе се минато за Европа. Економските трендови (противречни на европскиот раст и развој) што од скоро го зафаќаат континентот се закануваат да предизвикаат „совршена бура“ во ЕУ наредната година, при што резултатот може да биде „економска апокалипса“ со долгорочни последици за ЕУ. Тоа се констатации на повеќе западни економско-финансиски аналитичари. Но ја издвојуваме анализата на реномираниот „Политико“, бидејќи таа исклучително отворено и остро ѝ приоѓа на оваа тема. Имено, економските проекции на „Политико“ за Унијата се далеку од оптимистички… Зошто?

Анализа: Немањето решение за економските проблеми на ЕУ води кон европска економска апокалипса

На Европа ѝ истекува времето, додека економијата на Стариот Континент тоне сѐ подлабоко, при што темелот на кој почива просперитетот на регионот не е само напукнат туку е во опасност целосно да се распадне, пишува меѓу другото реномираниот европски магазин „Политико“, осврнувајќи се на моментно најголемите проблеми со кои се соочува ЕУ, како и со евентуалните можности за нивно решавање. „Политико“ истакнува дека „европската економска апокалипса се случува сега“, потоа напоменувајќи дека мисија на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претставува запирање на бавната агонија на европското опаѓање, во два засебни написа.
– Економијата на Европа се покажа извонредно отпорна во последниве децении на грбот на експанзијата на блокот кон исток и силната побарувачка за нејзините производи од Азија и од САД. Но тие денови очигледно завршија. Економските вкрстени ветрови што го зафаќаат континентот се закануваат да предизвикаат совршена бура во ЕУ наредната година, земајќи предвид дека покрај воведувањето нови тарифи од САД, идниот лидер на слободниот свет (новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп – н.з.) сигурно ќе го зајакне своето барање до членките на НАТО, или да соберат повеќе пари за сопствената одбрана или да ја загубат американската заштита – се вели меѓу другото во анализата на „Политико“.
Тоа значи дека европските престолнини, кои веќе се борат да ги зауздаат зголемените дефицити во услови на намалени даночни приходи, ќе се соочат со уште поголеми финансиски оптоварувања, што може да предизвика натамошни политички и општествени превирања.

 Рецесиите и трговските војни може да доаѓаат и да си одат, но она што го прави овој момент толку опасен за просперитетот на континентот е поврзано со најголемата незгодна вистина: ЕУ стана иновативна пустина, посочува „Политико“.
Некогаш синоним за врвна автомобилска технологија, Европа денес нема ниту еден претставник меѓу 15-те најпродавани електрични возила. Како што забележа поранешниот италијански премиер Марио Драги во својот неодамнешен извештај за зголемената конкурентност на Европа, само четири од 50-те најдобри светски технолошки компании се европски.
– Живееме во период на брзи технолошки промени, поттикнати особено од напредокот во дигиталните иновации и за разлика од минатото, Европа повеќе не е во првите редови на напредокот – рече претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, во ноември.
Говорејќи во средновековниот колеџ „Де Бернарди“ во Париз, Лагард предупреди дека фалениот општествен модел на Европа ќе биде загрозен ако не го промени курсот брзо.
– Во спротивно, нема да можеме да генерираме богатство што ќе ни треба за да ги задоволиме нашите зголемени потреби за трошење за да ја обезбедиме нашата безбедност, да се бориме против климатските промени и да ја заштитиме животната средина – рече таа.
Драги, кој го претстави својот извештај пред Европската комисија во септември, беше поостар, велејќи „ова е егзистенцијален предизвик“.

Влошувањето на економските перспективи ќе доведе до радикализација на политиките

Меѓутоа, како што се влошуваат економските перспективи на регионот, Европејците се пред грубо будење. Земјите како Франција, која се соочува со буџетски дефицит од шест отсто годинава, односно од седум отсто во 2025 година, повеќе од двојно од дозволената граница во еврозоната, ќе имаат тешкотии да го одржат имиџот на општествено дарежливи држави.
Париз моментно троши повеќе од 30 отсто од БДП за социјални трошоци, а не заостануваат ниту многу други земји од ЕУ.
Ако економските судбини на Европа не се променат наскоро, тие земји ќе се соочат со тешки одлуки, исто како што го направи тоа Грција во 2010 година, бидејќи нивните трошоци за задолжување се зголемуваат.
Веројатен исход би била радикализација на политиката, како што доживеа Грција за време на нејзината должничка криза, додека популистите од крајната десница и левица ќе ја користат можноста да го нападнат естаблишментот.
Таа радикализација веќе е во тек во голем број земји, а најзагрижувачка е во Франција, посочува „Политико“.
Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, вети дека ќе ја зајакне способноста на Европската Унија да се натпреварува со конкуренти како што се САД и Кина за време на нејзиниот втор мандат, кој започна на 1 декември. Прашањето е дали таа ќе може да го исполни ветувањето. Европа долго време заостанува во однос на САД во економските перформанси, но неодамна се зголемија грижите дека таа дополнително заостанува. Јазот преку Атлантикот се зголемува со секоја нова дигитална технологија, за што пример претставува и вештачката интелигенција. Речиси сите големи платформи – таканаречените модели на основа – се американски.