По германскиот ланец на супермаркети, во кумановската индустриска зона, ќе влезе и швајцарска компанија за производство на модуларни објекти. Потенцијалите за зоната која се наоѓа во близина на граничниот премин Табановце, се големи. Куманово доби и средства од Владата за инфраструктурно уредување на оваа зона..
Индустриската зона „Новини и Речици“, во близина на Куманово сè повеќе атрактивна за домашни и странски инвеститори. По германскиот ланец супермаркети, кој започна да го гради логистичкиот центар, Владата потпиша договор и за изградба на швајцарска компанија за производство на модуларни објекти. Со оваа инвестиција би требало да се отворат 200 нови работни места. Потенцијалите на индустриската зона се големи, сметаат надлежните, укажувајќи дека расте интересот за инвестиции.
„Досега во оваа индустриска зона Новине и Речици имаме вкупно 6 инвестиции. Од кои последниве две коишто се случија во последните три години се инвестиции од странски карактер. Едната е фабриката за производство на префабрикувани бетонски елементи каде што слушам дека минималната плата некаде е скокнаа на 600 и повеќе евра, додека втората инвестиција која што е во тек е на реномираната ЛИДЛ“, истакна кумановскиот градоначалник.
Одлуката да се аплицира за средства во Владата за инфраструктурно уредување на зоната, сметаат надлежните е оправдана. Ќе се крене цената на парцелите. Со добиените средства целосно ќе се уреди атмосферската канализација, осветлувањето, водоводна мрежа и ќе се асфалтираат улиците.
„Сметам дека со инвестиција на овие пари не само нам туку и на државата ќе се вратат. Последната цена за метар квадратен која ја постигнавме во оваа зона пред да влезе ЛИДЛ беше 15,7 евра, претходно истото се продаваше на лицитација за 1,2 до 1,5 евра“, дополни Димитриевски.
Зоната е наменета за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици, сместувачки капацитети, сервиси и стоваришта. Располага со 33 градежни парцели.
Индустриската зона, која што е на површина од 64 хектари, се наоѓа во непосредна близина на автопатот кон Табановце, на само пет километри од српската граница.